Вчера пропадна и вториот хуманитарен конвој во Мариупол


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Конвој од цивили вчера повторно не можеше да го напушти опколениот пристанишен град Мариупол, бидејќи руските сили продолжија да го гранатираат и покрај договорот за прекин на огнот, соопштија локалните власти.

„Исклучително е опасно да се изнесуваат луѓе од градот под такви услови“, соопшти градскиот совет.

Проруските сепаратисти и Украинската национална гарда меѓусебно се обвинуваат за новиот неуспех да се воспостави хуманитарен коридор за евакуација на цивили, еден ден по неуспехот на првиот обид.

Телевизијата Украина 24 прикажа борец на Азовскиот полк на Националната гарда кој вели дека руските и проруските сили кои го опкружуваат пристанишниот град со околу 400.000 луѓе продолжиле да ги бомбардираат областите за кои е договорен прекин на огнот.

Агенцијата Интерфакс цитира официјален претставник од Доњецк, прорускиот сепаратистички регион, кој пак ги обвинува украинските сили за непочитување на прекинот на огнот.

Само 300 луѓе успеале да го напуштат градот, според претставникот на сепаратистите. Оваа информација не е потврдена, а украинските власти сè уште не дале никакви бројки. Украинските власти претходно најавија планови за евакуација на повеќе од 200.000 луѓе од Мариупол.

Прекинот на огнот во Мариупол и долж хуманитарниот коридор до Запорожје, како што било договорено, требало да трае до 20 часот. Сличниот обид за евакуација вчера брзо пропадна кога руските сили продолжија со гранатирањето, соопшти украинската страна.

Во вториот круг преговори во четвртокот, украинската и руската војска се согласија да ги прекинат непријателствата во таа област и да отворат хуманитарен коридор за да им овозможат на жителите да се евакуираат со специјални автобуси или со свои возила.

Мариупол е стратешки град на Азовското Море, кој со денови е гаѓан од руската артилерија и е опколен. Градоначалникот на Мариупол Вадим Бојченко кажа дека неговиот град со 440.000 жители повеќе нема вода, греење или струја и страда од недостиг на храна.

Во интервју за украинска телевизија Бојченко зборуваше за хуманитарна блокада бидејќи градот останал без сите комунални услуги. Тој ја обвини руската страна дека многу методично го задушува градот.

Рускиот претседател Владимир Путин телефонски разговараше со турскиот колега Реџеп Таип Ердоган и рече дека Русија нема да се откаже додека не ги исполни своите цели.

Тој рече дека операцијата се одвива според планот и распоредот и се надева дека украинските преговарачи ќе заземат конструктивен пристап во разговорите во понеделник и ќе ја земат предвид ситуацијата на теренот, соопшти Кремљ.