Ванковска: Сето ова што го правиме или не го правиме е израз на општата немоќ, чувство на тотална поразеност и безизлез


Вака се слави гол во 120-та минута!!! ↓↓↓


Во врска со последните актуелни случувања околу рекетот на Боки 13, со свој осврт се јави професорката Билјана Ванковска. Нејзиниот ФБ статус го пренесуваме во целост:

Да, сосема е нормално да се почувствуваме предозирани, контаминирани, згрозени, заморени… Ова не е лесно да се поднесе, и мислам дека цела нација е веќе за во санаториум. Најлесно „бегство“ од кошмарот кој ни стана секојдневие е смеата, потсмевот, ругањето на социјалните медиуми – но, тоа пак вртење во круг и ре-дозирање, одново и одново… Се’ почесто се слушаат повици да ги баталиме Боки и Зоки, и да гледаме други проблеми (најневеројатен ми беше повикот да се занимаваме со карикатурата од синдикат во високото образование произлезен од Професорскиот пленум – што е на извесен начин враќање на почетокот на неуспешната трансформација на општеството; јас во тој синдикат не давам ни денар, бидејќи е тотално промашена работа. Нејсе… Има и други предлози). Впрочем, ќе ви откријам дека мојата наредна колумна е напишана и се однесува на женскиот оргазам.

Сепак, ако некој повикаше да се занимаваме со екологија, здравство, јавни служби/политики и сл. во време на „бомбите“ против Грујо, веднаш ќе беше прогласен за релативизатор и бранител на криминалите, кој сака да ја дефокусира јавноста.

Нејсе, сето ова што го правиме или не го правиме е израз на општата немоќ, чувство на тотална поразеност и безизлез… Проблемот (ете, пак со дијагнози се занимаваме, а не со решенија) е во нефункционирањето на институциите. БУКВАЛНО! Во Македонија има многу верски празници и нерабодни денови, ама најважен е Свети Годишен одмор! Впрочем, и шарените протестирачи прогласуваа стенд-бај за време на продолжени викенди и годишни одмори… Ви текнува лани кога Павле Богоевски кажа колку бил заморен од пратеничката работа и му требал одмор?! Тоа да го кажеш на нација која едвај преживува, а ти живееш на нејзин грб, е во најмала рака дрско и безобразно.

Стара практика е ова, па неа ја следат буквално сите. На пример, медиумите имаат некаква чудна потреба да не’ известуваат каде летуваат нашите (не)сакани политичари… Искрено, многу ми е гајле! Или нека си ја работат овде работата, или ич нека не се враќаат…

Но, најголема навреда (нешто како да ни се церекаат в лице, барем јас така го чувствувам) е однесувањето на овие од правосудниот систем. Си правам паралела од овој вид: замислувам научник кој е пред најголемото научно постигнување на својот живот, нешто што ќе направи да биде запомнет генерации во иднината – но, тој решава дека годишниот одмор му е поважен и ја напушта лабораторијата/универзитетот! Јовески и Русковска ја имаат неверојатната шанса да направат коперникански пресврт, да вратат верба во функционирање на институциите со кои раководат – а тие останаа со една прес-конференција (за да излезат од анинимност) и неколку интервјуа за медиуми (за да станат нов дарлинг на јавноста). Тресла се гора… Катица ни се церека од плажа (дури и кога не знае дека ја снимаат), а оние што ја заменуваат во СЈО се посебна приказна кога си ја спасуваат кожичката, си ги мијат рацете и образот и сл. За премиерот и да не зборувам, тој не’ усреќува како во најдобрите времиња на Грујо дека блескаме и дека БДП се зголемило дури 40% по глава на жител… Тоа што не’ лаже е една работа, ама што мисли дека чувството за правда ќе го заспие – тоа е друга…

Можно ли е толку бргу да се заборават ефектите од оние „бомби“? Па нели тоа било откривање на скриената/темната страна на месечината, начинот на владеење, некултурата и ароганцијата на владетелите??? А што е ова со Оки и Коки, Кајти и син ѝ? Оваа афера открива друг дел од сантата мраз: односите меѓу тајкуните, криминалците и институциите (всушност, како троглаво чудовиште се).

Си пишувам за да ми олесни, не дека нешто ќе сменам… Народ кој не се крена лани, кога дозволи да го поткупа со неверојатни ветувања и тоа полуидиоти и подводаџии, тој и на ова само ќе се чуди, смее и евентуално згрозува… Јас не знам дали и кога ќе сфатат луѓето дека најголемиот срам не беше во промената на името, туку во бедастиот и понижувачки и евтин начин на кој не’ соголија од елементарно човечко и граѓанско достоинство!

Да, можеме да се преправаме дека имаме поважни прашања/политики – но, суштината на животот во оваа ментална институција лежи токму во Боки, Коки, Оки, Фрики, и најмногу во Зоки Поки и оние како Ники кои велат „ќе не’ биде“.

Се’ ќе биде добро! Мавнете ракиичка или подобро дијазепам… Ако сте мудри и помлади ќе си барате спас што подалеку.

https://www.facebook.com/biljana.vankovska/posts/10219156806853970