Утре се пушта во употреба граничниот премин Белановце-Станчиќ меѓу Македонија и Косово


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Новиот граничен премин Македонија и Косово, преминот Белановце – Станчиќ, ќе биде пуштен во употреба утре во 11 часот, а обраќање на ова официјално пуштање во употреба на преминот ќе имаат премиерот Оливер Спасовски и вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи.

Османи беше и координатор на Владата за реализација на овој проект. На настанот се очекува да присуствуваат и други личности од двете земји.

Граничниот премин Белановце – Станчиќ, кој ги поврзува кумановскиот регион во Северна Македонија со гњиланскиот во Косово, е изграден со финансии од ИПА програмата на Европската унија.

Иницијативата за отворање на граничниот премин потекнува од 2011 година, а неговата изградба започна во јуни 2018 година, кога беше поставен камен темелникот од страна на вицепремиерите на двете земји, Бујар Османи и Енвер Хоџај, и амбасадорот на ЕУ во Скопје, Самуел Жбогар.

Жителите од кумановскиот и гњиланскиот регион досега се жалеа поради нереализацијата на проектот, затоа што, како што велат, беа принудувани да патуваат и по сто километри за, преку граничниот премин Блаце, да стасаат до местата на другата страна на границата, кои се инаку многу блиску едно до друго.