Home Живот и здравје Успешно изведена петта трансплантација на срце во Македонија

Успешно изведена петта трансплантација на срце во Македонија

Петтата трансплантација на срце заедно со двете трансплантации на бубрези од починат донор денеска беа успешно извршени во комплексот клиники „Мајка Тереза“ во Скопје.

Трансплантацијата на срце е извршена кај 66-годишен пациент за кој немало друга алтернатива и чие срце работело со помалку од 20 проценти, а трансплантациите на бубрези се извршени кај двајца 40-годишни пациенти кои оделе на дијализа.

Донор е 42-годишна жена која имала желба да ги донираат органите по смртта.

– Голема благодарност до семејството на починатата пациентка која за жал имаше спонтано крварење во мозокот и беше детектирана мозочна смрт, а сопругот и братот ја испочитуваа нејзината желба која ја искажала уште за време на животот, а тоа е при нејзина евентуална смрт да бидат донирани нејзините органи, изјави попладнево министерот за здравство Венко Филипче.

Пациентот на кого му е вградено новото срце е на респираторна машина, а веќе од утре треба да започне процесот на будење. Оваа фаза, како што посочи Филипче, е критична, но се надева дека пациентот ќе ја надмине и нема да има позначајни компликации.

Директорот на Клиниката за кардиохирургија Сашко Јовев изјави дека операцијата поминала добро и дека пациентот засега е добар.

– Се надеваме дека така ќе остане и понатаму, рече Јовев.

Изразувајќи благодарност до лекарските тимови, Филипче посочи дека ваквите постапки во делот на трансплантацијата го ставаат нашиот здравствен систем на еднакво рамниште со развиените европски земји.

– Мислам дека ваквите успешни трансплантации многу значат. Се подига свеста кај граѓаните за важоста од органодарителството. И овие чинови на трансплантација практично значат дека еден живот денес е спасен, а на други двајца пациенти животот целосно ќе им биде сменет и не ќе мора повеќе да одат на дијализа, рече Филипче.

За националниот координатор за трансплантација Маја Мојсова Мијовска, нема поблагороден чин од органодарителството.

– Со самите дела што ги правиме и кампањата што ја започнуваме во однос на подигнување на свеста на органодарителството видиме дека фамилиите разбираат за што зборуваме и знаат дека доколку се работи за мозочна смрт, останува дел од нивниот близок кој ќе работи во друго тело, изјави Мојсова-Мијовска.

Вчитај повеќе поврзани статии
Comments are closed.

Check Also

3 начини како тестенините можат да ви помогнат да слабеете

Кога станува збор за слабеење, јаглехидратите во тестенините обично имаат лоша репутација.…