Уште една недела рок за Груевски да собере мнозинство за Влада


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


За време на 20 дневниот рок за преговори за формирање на собраниско мнозинство и за состав на новата влада, мандатарот Никола Груевски од ВМРО ДПМНЕ, официјално имал само една средба со Али Ахмети, лидерот на ДУИ, потенцијалниот партнер за нова влада. Остануваат уште само 7 дена за исполнување на тој рок, а сите прашања околу новото собраниско мнозинство се и натаму отворени.

Од официјалните партиски соопштенија од средбата на Груевски со Ахмети не може ништо да се заклучи. Двајцата лидери разменија мислења за актуелната политичка ситуација по изборите и за претстојните предизвици во тој правец, соопштија ВМРО ДПМНЕ и ДУИ на 18 јануари. Најавени беа нови средби, но засега нема официјална потврда дека такво нешто се случило.

На 19 јануари Ахмети во штабот на СДСМ се сретнал и со Зоран Заев. И од оваа средба двете партии излегоа со заедничко штуро соопштение, начелно било разговарано за ставовите што двете страни ги застапуваат во овој период, без навлегување во детали или разговори за одделни конкретни прашања. И тука беа најавени нови средби.

Вчера, Бујар Османи, портпаролот на ДУИ излезе со изјава дека при формирањето нова влада треба да се почитува принципот победник во македонскиот со победник во албанскиот блок. Во интервјуто за Гласот на Америка, Османи ги обвини медиумите дека вршат притисок за непочитување на овој принцип.

Од ова произлегува дека ДУИ (10 пратенички места) е поблиску до повторно формирање на владина коалиција со ВМРО ДПМНЕ (51), отколку со СДСМ (49).

Но, на ова евентуално повторување на партнерството се испречува платформата на трите партии на Албанците од Македонија за тоа што треба да биде услов за влегување во коалиција со која било македонска политичка партија. ВМРО ДПМНЕ неколку пати повтори дека за нив неприфатливи се барањата за двојазичноста и за продолжувањето на мандатот на Специјалното јавно обвинителство. За овие две прашања нема да преговораме дури и по цена да не бидеме во владата, велат од ВМРО ДПМНЕ.

Со таканаречениот Мајски договор од 2008 година беше воспоставен принципот на коалицирање на двете победнички партии меѓу своите етнички заедници. Груевски неодамна изјави дека ако овој пат не се почитува овој воспоставен принцип, тогаш неговата партија во иднина веќе нема да има обврска да коалицира со победничката партија кај Албанците во Македонија.

Од СДСМ засега нема никаква информација за нивниот став во однос на барањата на Албанците во платформата. Воведувањето на двојазичноста беше дел од ветувањата на СДСМ за време на кампањата за изборите од 11 декември.

Рокот до кога треба мандатарот Никола Груевски да договори парламентарно мнозинство е 29 јануари. Од денеска се очекува да почнат поинтензивни преговори за формирање на новата влада.