Учениците од над 100 основни училишта новата учебна година ќе ја почнат без спортски сали


Шанса да станеш YouTuber! Приклучи се! ↓↓↓


И претстојната 2022/2023 учебна година над 100 основни училишта во државава останаа без спортски сали. Од вкупно 364 основни училишта во земјава, спортски сали има во 260.

Од Министерството за образование и наука за МКД.мк посочиле дека во останатите училишта има спортски игралишта. Но, тие функционираат само ако дозволуваат временските услови. Во периодите кога времето е врнежливо или студено, што е случај со поголемиот период од школската година одржувањето на часот по физичко воспитување е импровизација како за учениците, така и за наставниците.

Ќе се вежба или во училница или пак воопшто нема да се вежба. Учениците носат опрема, но нема каде да ја искористат.

Изградбата на спортски сали, дополнуваат од МОН е обврска на општините, но од таму, пак, се правдаат дека најчесто немаат пари за да изградат затворени објекти во кои децата ќе можат да спортуваат.

Од училиштата кои се без спортски сали 11 се во општини во Скопје, а дел од нив се Основното училиште „Гоце Делчев” во Долно Лисиче во општина Аеродром, ОУ „Дрита” во село Рашче во Сарај, ОУ „Јоаким Крчовски” во село Волково во општина Ѓорче Петров, ОУ „Кирил и Методиј” во с. Стајковци во општина Гази Баба, ОУ „Јашар Беј” во општина Чаир…

„Од 364 основни училишта во земјата, околу 260 имаат спортска сала, додека во останатите има спортски игралишта каде учениците изведуваат настава по физичко и здравствено образование”, стои во одговорот од МОН до МКД.

Во Концепцијата за основно образование која Министерството за образование и наука што беше презентира пред родителите на основците од училиштата ширум земјава во период кога на чело на МОН беше министерката Мила Царовска, има и спортско рекреативни предмети кои вклучуваат вежбање на пилатес и јога.

На прашање каде и како ќе се реализраат овие предмети во оние училишта во кои нема спортски сали, односно нема услови, од МОН појаснија дека училиштето има обврска да ги реализира овие часови ако има интерес кај учениците.

„Согласно новата Концепција за основно образование, основните училишта треба да понудат по 12 изборни предмети на годишно ниво и тоа врз основа на анкета што ќе ја спроведуваат со учениците и со нивните родители. Така, тие предмети нема да бидат наметнати, туку по желба и согласно интересот на учениците. Доколку во едно училиште учениците изразат интерес за изучување на одреден понуден предмет и има соодветен кадар за реализација, тогаш училиштето може да го воведе истиот и има обврска да организира настава”, додаваат од МОН.

Учениците уште ги немаат земено свидетелствата за успехот од минатата година, а веќе од следната недела ќе треба да почне новата учебна година.