Турција сè уште не е подготвена да ја прифати Шведска во НАТО


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Иако се направени конкретни позитивни чекори кон исполнување на турските барања за солидарност во борбата против тероризмот, Анкара сè уште не е спремна да го прифати Стокхолм во НАТО пактот, кажа турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.

„Неговата влада сè уште мора да ја смири загрижената турска јавност дека солидарноста во НАТО е обезбедена во пресрет на изборите следната година“, кажа Ердоган денес на заедничката конференција за медиуми со шведскиот премиер Улф Кристерсон во Анкара.

„Верувам дека мојот драг пријател Кристерсон ќе ме разбере во овој момент“, кажа Ердоган, додавајќи дека Турција и понатаму ги очекува конкретните потези на Шведска, односно екстрадиција на некои осомничени кои Анкара ги смета за терористи.

Ердоган меѓу осомничените чија екстрадиција бара го именуваше поранешниот главен уредник на сега згаснатиот весник поврзан со групата на исламскиот политички лидер Фетула Ѓулен. Турција таа група ја смета за терористичка организација.

Анкара го блокира влезот на Шведска и Финска во НАТО, а како причина ја наведува нивната наводна поддршка за групите како забранетата Курдска работничка партија (ПКК), која Европската Унија и Соединетите Американски Држави ја сметаат за терористичка организација.

Турција ја поддржува политиката на отворени врати на НАТО и се надева дека планираната средба на трите земји во Стокхолм подоцна месецов ќе даде позитивен исход, кажа Ердоган. Стокхолм сфаќа дека станувањето сојузник во НАТО вклучува обврски кон другите членки, вклучувајќи ја Турција, кажа Кристерсон.

„Понудив начини на кои Шведска би можела да ѝ помогне на Турција во борбата против тероризмот. Целосно ќе го имплементираме трилатералниот меморандум“, додаде шведскиот премиер, мислејќи на договорот постигнат меѓу Турција, Шведска и Финска на крајот на јуни. Освен Унгарија, Турција е единствената членка на западниот воен пакт која досега не го ратификувала влегувањето на двете земји во членството на НАТО.