Како е да се биде професионален Counter-Strike играч! ↓↓↓
Пред стартот на туристичката сезона делумно е затворен влезот во Охрид, од Подмоље во правец на градот. Градежните работи на овој дел од автопатот во изградба токму сега почнале да се изведуваат и тука. Ова предизвика бурни реакции во јавноста и политички препукувања.
Авионскиот лет од Амстердам трае два часа, а туристите откако ќе слетаат на охридскиот аеродром до хотелите, за 14 километри патуваат два и пол часа. Тоа е последица на градежните работи кои токму овој период почнаа да се изведуваат на тој потег за влез во Охрид.
За локалната самоуправа ваквиот потег на централната власт е нелогичен, поради што градоначалникот бара веднаш да се промени одлуката за пренасочување на сообраќајот на стариот пат Охрид – Струга, а градежните активности да се одложат до завршување на туристичката сезона, пишува Охридњуз.
„Заради тоа што не сакавте да не испочитувате и не ви беше битно тоа што Општина Охрид беше против затворање на влезот во Охрид во овој период, негативно мислење има од Општина Охрид, негативно мислење има од СВР Охрид и сами себе си издадовте дозвола за пренасочување на сообраќајот, сега јавно го повикувам министерот за транспорт, министерот за внатрешни работи и премиерот, да ја сменат одлуката и да овозможат нормален проток на возила во тек на туристичката сезона, а по завршување на сезоната да отпочнат со градежните активности“, побара градоначалникот Кирил Пецаков.
На негова иницијатива денесека ќе се одржи состанок за новото сообраќајно решение на влезот од Охрид за пренасочување на сообраќајот по стариот пат за Струга.
На состанокот поканети се сите пратеници од Охрид во македонското собрание, СВР Охрид, ХОТАМ, туристички работници, угостителските и претставници на службите од локалната самоуправа, информира прес службата на општината.
За туристичките работници најавеното затворање на магистралата од Охрид до Подмоље во рок од 45 дена ќе предизвика сериозни последици.
„Системски, пред секоја сезона Охрид добива опструкции во реализирање на туристичката сезона од одредени непромислени потези на одредени институции. Така е веќе 20 години, колку што сум во овој еснаф“, вели туристичкиот работник Олег Маленко.
„Автобусите со туристи од аеродром до Охрид вчера патуваа два и пол часа. Авионскиот лет од Амстердам до Охрид трае два часа и триесет минути. Авионите од Катовице и Варшава пристигаат за два часа. Автобусите од Аеродром Охрид до хотелите за 14-15 км пристигаат за два и пол часа. Што е ова ако не опструкција и намерно уништување на туризмот“, прашува Маленко.
Тој укажува дека автопатот се гради од 2014 година, а некој дури сега во 2023 во период кога секторот туризам треба да ја одработи сезоната во Охрид го затвора патот сред сезона.
За Министерството за транспорт нејасни се реакциите за стопирање на градежните работи на автопатстката делница од Подмоље кон Охрид.
„Поддршката од централната власт кон Општина Охрид е огромна, како никогаш досега, а реакциите на градоначалникот на општината се лицемерни и неприфатливи посебно кога станува збор за истиот градоначалник кој постојано повикува на забрзување на градежните работи на истиот автопат. Автопатската делница од Кичево до Охрид се гради со потребната динамика и нема да дозволиме ничија опструкција да ја блокира реализацијата на овој проект“, велат од министерството.
Пецаков, додаваат во реакцијата, треба да има предвид дека се отстранети сите проблеми на оваа делница кои актуелната влада ги затекнала од претходната.
„Благодарение на напорите и пристапот на оваа Влада се решија најголемите проблеми и се решија преку 3.500 имотно правни пречки помеѓу државата и граѓаните. Се испроектираа и клучките, се репроектираа косините со што денеска има прогрес на терен. Кога веќе градоначалникот зборува за поддршка од централната влада сакаме да го информираме дека Владата преку ЈПДП оваа година ќе почне и со рехабилитација на дел од патниот правец од Охрид кон Свети Наум за кој искрено се надеваме дека нема да биде противник за реконстукцијата и на овој патен правец“, се вели во реакцијата од Министерството за транспорт и врски.