Тројца загинати и деветмина повредени во вооружениот напад во Утрехт


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Тројца мртви и деветмина повредени во нападот во трамвај во Утрехт е црниот биланс кој го соопшти градоначалникот Јан фон Занен.

Холандските безбедносни сили трагаат по 37-годишен турски државјанин за кој веруваат дека е извршител на нападот во градот Утрехт.

Властите се сомневаат дека денешниот напад во трамвајот имал терористичка мотивација, но одбиваат да соопштат повеќе детали. Зголемено е на максимум нивото на безбедност во градот Утрехт и во околниот регион поради можна закана од тероризам. Засилено е обезбедувањето на витални објекти од инфраструктурата, аеродромите, џамиите и црквите, а училиштата се повикани да ги заклучат своите врати, пренесува Дојче Веле.

Холандскиот премиер Марк Руте по одржаните кризни разговори, изјави дека е длабоко загрижен поради инцидентот, кој се случува три дена откако десничарски терорист уби 50 луѓе во две џамии во градот Крајсчрч во Нов Зеланд.

Полицијата објави фотографија на 37-годишниот осомничен напаѓач Гокман Танис и ги предупреди граѓаните да не му се доближуваат доколку го забележат.

Претходно, шефот на холандската служба за борба против тероризам соопшти дека истрели биле испукани на повеќе локации, но одби да прецизира каде.

„Многу работи остануваат нејасни во моментов и локалните власти со сите сили се обидуваат да ги утврдат фактите. Она што го знаеме е дека напаѓачот е во бегство“, изјави Питер-Јап Алберсберг. Тој дополни дека нападот „делува како терористички напад“.