Триесетина лекари од кумановските ковид-центри останаа извисени за вакцинирање – никој не ги повикал за вакцина


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


И покрај тоа што подолг период се на списокот за вакцинирање против КОВИД-19, триесетина здравствени работници што работат во ковид-центрите во Куманово и секојдневно се во контакт со заразени пациенти не се повикани да примат вакцина.

Директорката на јавната здравствена установа Општа болница Куманово, д-р Снежана Захариева, во изјава за МКД.мк вели дека списоците со здравствените работници што сѐ уште не се повикани за вакцинација неколку пати му се испраќани по мејл на лицето што Министерството за здравство го назначило за овие листи, но никој ниту одговорил, ниту ги повикал оние што се на списокот, пренесува Мкд.мк.

„Точно е дека сѐ уште има здравствени работници што се на список, но не се повикани за вакцина. Најодговорно ви тврдам дека неколку пати овие списоци се испратени до Министерството за здравство, односно до лицето што нам ни е посочено како одговорно за евидентирање на здравствените работници што треба да се имунизираат. Но никој не ги повикал. Тоа не е моја вина и јас не сум таа што ги повикува и ги вакцинира овие лица. Како одговорна за ковид-центрите јас ви тврдам дека што е до мене, би сакала сите здравствени работници да бидат вакцинирани и да може барем колку-толку поспокојно да работиме. Никој, а најмалку јас, не сака да ни се разболуваат вработени овде кога трите ковид-центри во Куманово се полни со пациенти.“

Каде завршил списокот и зошто никој ниту одговорил, ниту ги повикал лекарите, болничарите, медицинските сестри… не се знае.

Освен ковид-центрите во Куманово, во функција е и дневна болница и има пациенти што два пати во денот доаѓаат да примат терапија и повторно заминуваат дома. Директорката Захариева вели дека има многу заразени лица и дека за да се одговори на напливот на пациенти болни од ковид-19, потребни се здрави и имунизирани здравствени работници.

На списокот на здравствени работници што работат во ковид-центрите во Куманово и кои биле запишани за вакцинација уште во првата група, имало и такви што се премислиле и не се појавиле на вакцинацијата, бидејќи не биле сигурни дали сакаат да примат вакцина, но има и такви што се запишале, но до денес не се повикани и не се вакцинирани.

Вчера Министерството за здравство повторно побарало список на лица, но овој пат и за оние што не се здравствени работници, а работат во ковид-центрите.

Од Министерството за здравство на нашите прашања зошто не се вакцинирани здравствени работници од ковид-центрите, и покрај тоа што веќе се вакцинираа оваа група на лица со вакцините на Фајзер и Спутник, ни одговорија дека сите што ќе сакаат ќе може да се вакцинираат, но кога, не кажаа.

„Огромен е бројот над 90% од сите здравствени работници што работат со ковид-пациенти и коишто веќе се вакцинирани и ревакцинирани. Во текот на овие денови оние дополнителни пријавени здравствени работници од сите јавни и приватни здравствени установи што не беа опфатени се вакцинираа во А1 Арената Борис Трајковски. Сите што сакаат и ќе се пријават за вакцинација ќе може да се вакцинираат“, стои во одговорот до МКД.мк испратен од МЗ.

Од понеделникот почна вакцинацијата со Спутник, со која досега се вакцинираа здравствените работници што останаа, како и полицијата, припадници на АРМ, а следни ќе бидат наставниците, новинарите, возачите на ЈСП…

Во Куманово ковид-центрите се полни и како што вели директорката Захариева сѐ повеќе се хоспитализираат и млади лица со тешка клиничка слика. Таа апелира да се забрза процесот на имунизација на сите здравствени работници, не само оние во Куманово, но и на граѓаните, и додава дека која било вакцина е подобар избор отколку заразата со ковид-19.

Нејзините укажувања се да се почитуваат мерките за да може да се намали бројот на заразени и хоспитализирани, кој во овој период е највисок од почетокот на пандемијата.