Трајковски: Доколку сојот Омикрон влезе во Македонија, не чека зголемување на заразени пациенти на крајот од јануари и почетокот на февруари


Како е да се биде професионален Counter-Strike играч! ↓↓↓


Професорот по теоретска механика, Дејан Трајковски во својата нова анализа за зарзеноста со ковид-19 вели дека ефективниот репродукциски број Rt останува маргинално под единица веќе 5 недели со ред (на првиот дијаграм), што резултира со бавно, но сепак видливо намалување на дневниот број на нови случаи (на вториот дијаграм). Еве ја неговата целосна анализа.

19.12.2021 (Св. Никола) Ефективниот репродукциски број Rt останува маргинално под единица веќе 5 недели со ред (на првиот дијаграм), што резултира со бавно, но сепак видливо намалување на дневниот број на нови случаи (на вториот дијаграм).

Особено охрабрува намалувањето на стапката на позитивни тестови, односно нејзината седумдневна подвижна средина (црвената линија на третиот дијаграм).
Прогнозите за наредните 2-3 недели се поволни, бидејќи до тогаш Омикрон сојот, дури и да пристигне, нема да стане доминантен и броевите на нови и активни случаи постепено ќе се намалуваат (четвртиот дијаграм).

Сите овие показатели кажуваат дека ни зимата, а ни досегашните слави не направиле преголема штета на епидемиолошката ситуација во земјата. Штетата е одамна направена, огромен дел од популацијата прележал и Делта сојот си го зел својот данок. Сега е време да гледаме нанапред, на доаѓањето на сојот Омикрон и штетите што тој ќе ги предизвика.

Имаме навидум противречни податоци од Јужноафриканската Република (ЈАР), од една страна и Велика Британија и Данска , од друга страна. Во ЈАР врвот на бранот само што не настапил, со релативно прифатливи дневни броеви на случаи и мал број на хоспитализирани и починати. Сите показатели им се помали од македонските, дури и во случај на Делта сојот.

Во ЈАР стапката на хоспитализации моментално изнесува само 1,7%, додека од Делта сојот изнесувала високи 19%. Треба да се има предвид дека во ЈАР стапката на прележаност изнесува околу 70%, а главното избувнување на бранот на Омикрон сојот се случило во провинцијата Гаутенг (Јоханесбург и Преторија), каде што опфатот со вакцинација бил највисок. На овие два фактори секако може да се припише високиот имунитет против тешка форма на болеста од Омикрон сојот. (https://www.nytimes.com/…/south-africa-omicron…)
Од друга страна, последните студии од Велика Британија и Данска покажуваат дека стапката на хоспитализираност од Омикрон сојот практично е еднаква со стапката на хоспитализираност од Делта сојот (https://www.nature.com/articles/d41586-021-03794-8). Во Данска прележаноста била далеку помала отколку во ЈАР, поради што отпорноста на населението по овој основ не можела да биде многу висока. Од друга страна, иако Данска има една од највисоките стапки на опфат со вакцинација на светот, постоечките вакцини (две дози) не успеваат многу да го поткренат имунитет против Омикрон сојот (ефективноста против заразување изнесува 0-20%). Со три дози ефективноста се подигнува до педесетина проценти, но вистинското решение би било дури вакцинирањето со модифицираните вакцини, коишто најрано би пристигнале во април и тоа во најбогатите и најразвиените земји.

Нивната ефективност против заразување, барем на краток рок, би била како и кај старите вакцини, т.е. околу 95%.

Многумина (најчесто антиваксерите) се сомневаат дека 3 дози од старите вакцини би биле поделотворни од две дози. Објаснувањето на ефективноста е едноставно. Третата доза нагло го крева титарот на антитела во телесните течности, па иако тие антитела не се соодветни за Омикрон сојот (не можат добро да се „забрават“ на епитопите, односно шилците од вирусот), високата концентрација на антитела сепак врши добра работа, во споредба со малата концентрација од само две дози. Значи, сепак е важен и бројот, а не само видот на антителата. Тоа е експериментално веќе докажано, па тогаш зошто да не го искористиме ова сознание, барем до пристигнувањето на модифицираните вакцини?

Да се вратиме на случајот со Македонија. Без никакво сомневање, доколку нашите здравствени власти не го спречат влегувањето на сојот Омикрон во земјата, кон крајот на јануари и почетокот на февруари кај нас ќе видиме огромни броеви на новозаразени со Омикрон сојот на вирусот. За споредба, во ЈАР бранот на Омикрон сојот беше поголем од сите досегашни бранови. Тоа е првиот дел од приказната, којшто е релативно лесно предвидлив. Вториот дел, којшто се однесува на хоспитализациите и смртните случаи, е потешко предвидлив. Сé зависи дали сме поблиску до ЈАР или Данска во поглед на колективниот имунитет против тешка форма на болеста. Според моите проценки, досегашната прележаност кај нас изнесува над 40% (во Кавадарци и преку 50%) со што сме поблиску до ЈАР отколку до Данска. Опфатот со вакцинација ни е малку повисок од ЈАР, но значително понизок од Данска.

Но, во случајот на Омикрон сојот вакцините доаѓаат на второ место, споредено со прележаноста.

Третиот фактор, досегашниот одвишен морталитет, според кого сме на прво место во светот заедно со Бугарија, може исто така да ни послужи како мерило на прележаноста, односно ни дава извесна надеж за полесно поминување.

Четврт фактор би бил климатскиот. За разлика од ЈАР, каде започнува летото, кај нас допрва започнува зимата и тоа е еден многу неповолен фактор, особено за преносливоста на болеста. Дури и во случај на релативно мала стапка на хоспитализираност, големиот број на заразени ќе доведе до големи броеви на хоспитализирани и починати, не помал од сегашните дневни броеви, а веројатно и поголеми.

Земајќи ги сите фактори заедно, се чини дека нашето сценарио ќе биде за нијанска поблиско до јужноафриканското, со помала стапка на хоспитализираност. Поради ограничениот број на тестирања, не поголем од 7.000, веројатно нема да видиме поголем број на случаи од 2.000 дневно. Сепак, можен е голем притисок врз болниците, бидејќи ние ќе се најдеме практично во нова епидемија, со оглед на фактот што досегашната прележаност и вакцинираност нема да значат многу.

Во ваква неизвесна ситуација, најправилната реакција на нашите власти би било затворање на државната граница и задолжителен 14-дневен или 21-дневен државен карантин за сите патници кои влегуваат во државата, со цел да го пролонгираме влегвањето на вирусот. Да се потсетиме, во Австралија Делта сојот на вирусот го внело лице после 14 дена поминати во карантин. Иако веројатноста за такво нешто била многу мала, сепак се случило незамисливото. Токму поради тоа во Кина карантинот е определен на 21 ден, за сите без исклучок, без разлика дали се работи за политичар или милијардер. За летувања и зимувања не станува ни збор, а камоли за гастарбајтери, чиј број се мери со десетици милиони ширум светот.
Изјавите на нашите претставници, според кои „бројките биле во намалување и тие не гледале потреба за воведување дополнителни мерки“ е крајно плиткоумно, непромислено и неодговорно. Се наоѓаме во иста ситуација како во јули годинава, непосредно пред пристигнувањето на Делта сојот во земјава. Непреземањето на мерки тогаш, со дозволени патувања без никаква рационална и неодложна потреба (летовањата секако не се неодложна потреба), досега нé чини околу 6.000 човечки животи, мерено според одвишната смртност. Се плашам дека поради нивната неодговорност новиот сој ќе го добиеме за многу кратко време, а штетите коишто потоа ќе настанат ќе бидат директна последица на нивната неодговорност и неспособност за контрола на границите. Моментално императив е одложување на влегувањето и забавување на ширењето на новиот сој, барем до пристигнувањето на модифицираните вакцини. Но, знаејќи со кого си имаме работа, изгледа тоа ќе остане само пуста желба.

Извор: Фејсбук профил на Дејан Трајковски