Актуелно

Тесен избор за мандатарот Груевски – Влада во коалиција со ДУИ или опозициска страна во Парламентот

Од вчера и официјално почнаа сите комбинаторики за формирање нова Влада. Претседателот Ѓорге Иванов, според предвидениот рок, вчера му го предаде мандатот за формирање на собраниско мнозинство и нова влада на лидерот на ВМРО ДПМНЕ Никола Груевски, на кого му фалат уште 10 пратеници.

На предвремените парламентарни избори одржани лани на 11 декември ВМРО ДПМНЕ освои 51 пратеничко место. За просто мнозинство потребни се уште 10 пратеници од 120 пратеници. Сега и официјално почнуваат политичките комбинаторики и договарања.

Веројатно од денеска ќе почнат и официјалните, по неофицијалните за време на новогодишните празници, разговори на ВМРО ДПМНЕ со својот долгогодишен коалициски партнер ДУИ. Партијата на Али Ахмети има 10 пратеници, движењето Беса 5, Алијансата за Албанците 3 и ДПА 2.

Груевски во интервју за Дневник пред добивањето на мандатот изјави дека ќе се обиде да состави влада, но не по секоја цена. Ако се оди по досегашните установени принципи во Македонија, би требало да составам влада. Ако се прекршат, се е можно, порача лидерот на ВМРО ДПМНЕ.

Востановените, според препораките на ЕУ и САД, непишани принципи се дека партиите кои освоиле најмногу пратеници меѓу своите гласачи, се мисли на довербата освоена кај Македонците и кај Албанците, треба да бидат дел од владината коалиција.

Во случајов, ако Груевски не успее да се договори со Ахмети, тогаш за очекување е дека претседателот на СДСМ, Зоран Заев, ќе го добие мандатот за формирање на собраниско мнозинство и избор на нова влада. СДСМ освои 49 пратеници.

На патот на овие договарање од 7 јануари се испречи платформата на ДУИ, Беса и на Алијансата за Албанците, еден вид на услови за коалицирање за новата влада. Тие бараат употреба на албанскиот како официјален јазик, економска рамноправност, решавање на спорот за името со вклучување на Албанците во работната група, брза интеграција во НАТО и во Европската Унија, нов грб, химна и знаме.

Од ДУИ велат дека се разбира дека се договараат со ВМРО ДПМНЕ за нова влада, но не ја отфрлаат можноста за преговори и со СДСМ.

Од Беса велат дека нема да коалицираат со лица осомничени од страна на СЈО, а во Алијансата на Албанците велат дека нема да коалицираат со ДУИ и со ВМРО ДПМНЕ затоа што нивните политики се штетни за граѓаните.

Во ваков случај, ако политичарите држат до својот збор, можните комбинации за собраниско мнозинство и не се така разновидни. ВМРО ДПМНЕ би можело да коалицира со ДУИ и со ДПА (единствената парламентарна партија на Албанците која не ја потпиша платформата). Ова мнозинство би имало 63 пратеници (51+10+2).

Рокот за формирање собраниско мнозинство е 20 дена. Ако Груевски не успее во ова, тогаш се отвораат нови комбинации. Тогаш можна е коалиција меѓу СДСМ, ДУИ, Беса и Алијансата за Албанците со мнозинство од 67 пратенички места (49+10+5+3). На ова може да се додадат и двете пратенички места на ДПА, па мнозинството да биде од 69 пратеници.

Во која било од овие комбинации, јасно е дека новата влада нема да има стабилно мнозинство, па веќе се оперира и со датум за уште едни парламентарни избори – мај, заедно со локалните или септември.

Европската комисија вчера од Брисел порача дека сака брзо формирање влада посветена на реформите.

Advertisements
To Top