Тажни слики од Венеција – познатите венецијански канали се речиси пресушени (снимки)


Уствари викендов е затишје пред бура! ↓↓↓


Суви зимски временски услови кои траат повеќе недели во континуитет ја зголемија загриженоста дека Италија би можела да се соочи со нова суша по вонредната состојба од минатото лето, при што на Алпите има помалку од половина од вообичаениот снег, според научниците и еколозите.

Предупредувањето доаѓа во време кога Венеција, каде што главен проблем обично се поплавите, се соочува со невообичаено ниски плими што ги попречуваат гондолите, водните таксија и амбулантните пловила да пловат по некои од нејзините познати канали.

Проблемите во Венеција се припишуваат на комбинација на фактори, недостигот од дожд, системот под висок притисок, полната месечина и океанските струи, пренесува Ројтерс.

Италијанските реки и езера страдаат од сериозен недостиг од вода, објави во понеделникот организацијата за заштита на животната средина Легамбиенте, при што вниманието е насочено кон северот на земјата.

По, најдолгата река во Италија, која тече од Алпите на северозапад до Јадранот, има 61 отсто помалку вода од вообичаеното во овој период од годината.

Минатиот јули Италија прогласи вонредна состојба во областите околу реката По, која сочинува околу една третина од земјоделското производство во земјата и ја претрпе најголемата суша во последните 70 години.

„Ние сме во ситуација на дефицит на вода што се зголемува од зимата 2020 до 2021 година“, изјави експертот за клима Масимилијано Паски од италијанскиот научно-истражувачки институт ЦНР, цитиран од дневниот весник Кориере дела сера.

Водата на езерото Гарда во северна Италија падна на рекордно ниско ниво, што овозможува да се стигне до малиот остров Сан Биаџо на езерото преку изложената патека.

Антициклонот доминира во времето во Западна Европа веќе 15 дена, носејќи ги благите температури што вообичаено се забележуваат кон крајот на пролетта.

Сепак, најновите временски прогнози предвидуваат доаѓање на многу потребните врнежи и снег на Алпите во наредните денови.