Сведочење на премиерот Заев во случајот „Таргет и Тврдина“ за нелегалното прислушување


Вака се слави гол во 120-та минута!!! ↓↓↓


Денес во Кривичниот суд, во рамки на новото судско рочиште за случајот „Таргет и Тврдина“ отворено своевремено од бившото СЈО за нелегалното прислушување во УБК, сведочеше премиерот Зоран Заев.

Тој во своето сведочење го спомена екс премиерот Никола Груевски, но ниту еднаш не го спомена името на тогашниот директор на УБК, Сашо Мијалков, кој е еден од обвинетите, пренесува Фокус.

На прашањето на обвинителот Трајче Пеливанов, кога прв пат слушнал за нелегалното прислушување, премиерот рече:

-Прв пат слушнав кога станав претседател на СДСМ во 2013 година и за прв пат тогаш и увидов, одговори Заев.

Тој појасни дека во тој период одговорен за безбедносните прашања бил професорот д-р Зоран Верушевски, а комисијата имала од три до пет членови, за кои рече дека не се сеќавал кои точно биле.

-После примопредавањето на функцијата, новиот лидер одржува состаноци со сите шефови во партијата. Така претседателот на комисијата за безбедност Верушевски ме запозна со целосниот делокруг на работата на таа комисија, а еден дел беше прибавување на информации од безбедносен карактер за потребите на партијата.

Партијата преку комисијата располагаше со документи, материјали, од типот на незаконско следење на комуникациите. Документите и материјалите беа и во пишана форма и аудио, рече Заев, кој додаде дека таквиот тип на информации се достапни на лидерот на партијата, а тој одлучувал со кого ќе ги сподели.

Тој дополни дека поседувале преку еден милион различни комуникации, односно разговори.

-Информацијата дека поседувам вакви материјали ја споделив со тогашниот премиер и неколкумина стручни лица во обвинителството во кои верував. Груевски се шегуваше и на средбите дека тоа не е возможно, односно толку материјали да бидат во наш посед. По укажување на луѓе од обвинителството, одлучив да ги споделам со јавноста кои што ќе го натераат општествениот систем соодветно да се позиционира, рече сведокот Заев.

Обвинителот Пеливанов го праша сведокот колку пати во тој период се сретнал со Груевски?

-Пред објавувањето на „бомбите“ имав четири состаноци со Груевски во неговиот кабинет. Му предочив дел од тие материјали во наративна форма, за содржината на неколку разговори, со цел да му докажам дека поседуваме такви разговори. Му раскажав содржина на негови разговори. Еден од разговорите е како тој тајно купува плац на Водно, рече Заев, кој додаде дека Груевски му побарал аудио или транскрипт од разговорите, но не му дал.