Судски случај за убиството на ракометарот Тот: Адвокатите бараат ослободителни пресуди за обвинетите, обвинителот бара осудителни


Уствари викендов е затишје пред бура! ↓↓↓


Одбраната на обвинетата Клементина Левковска, за убиството на ракометарот Денис Тот, денеска во Кривичниот суд-Скопје, побара ослободување на нивната клиентка.

– Обвинетата Клементина Левковска е мала по раст, со мала телесна тежина и мала физична сила. Мораме да имаме конкретен одговор дали Клементина со нејзиниот удар предизвикал смрт на сега покојниот Денис Тот. Можеме да заклучиме дека при томографскиот преглед, не се гледаат никакви повреди на телото на Денис Тот, рече едниот од адвокатите.

Според него, за да биде „исполнето битието на ова кривично дело“ треба силен и убедлив доказ, кој го сторил делото, но еднакво важно и на кој начин е тоа сторено.

– Ваквиот факт е од основна важност, односно непостоењето на силен доказ дека токму обвинетата Клементина ја нанела смртоносната повреда, ја ослободува од одговорност за кривичното дело кое ѝ се става на товар, рече тој.

Според адвокатите, од влијанието на обвинетите Клементина нема никакви елементи на кривично дело што ѝ се става на товар.

– Доказите на Обвинителството се во прилог на одбраната, изјави адвокатот Иле Танев, бранител на обвинетиот Анџело Ѓоргиевски, во денешните завршни зборови за случајот со убиството на хрватскиот ракометар Денис Тот. Според него, во овој случај не постои кривично дело „убиство“ и тој бара ослободителна пресуда и за својот клиент.

– Дилемата која се наметнува во Судот и во јавноста, а е поврзана со кривичното дело кое се става на товар, е само правна, а не и фактичка состојба, бидејќи од доказите произлегува сосема друга фактичка состојба, која не дава можност на обвинетиот Анџело да му се суди за делото што му се става на товар, рече Танев.

Тој посочи дека сите дејствија на Ѓоргиевски биле во насока на помагање, односно, како што рече „да му се помогне на оштетениот, а не да се повреди или убие“.

– Како што произлегува од доказите, обвинетиот Анџело дејствувал противправно само десетина секунди, само откако излегол од таксито, рече Танев.

Претходно, обвинителката Тања Трајчевска побара осудителна пресуда за обвинетите, бидејќи, според неа, од доказната постапка произлегло дека обвинетите го сториле кривичното дело на начин, време и место како што е опишано во обвинителниот акт и побара од Судот да пресуди по однос на нив, имајќи ги предвид сите олеснителни и отежителни околности.

Обвинителството ги гони обвинетите Анџело Ѓоргиевски, Клементина Левковска и Андреј Костовски за кривично дело „убиство“ од член 123 став 1 во врска со член 22 од Кривичниот законик. Согласно обвинителниот акт, обвинетите се товарат дека на 7 април, пред ноќен клуб во Градскиот парк во Скопје, заеднички го лишиле од живот оштетениот Денис Тот.

Процесот го води судијката Елена Илиевска Јосифовиќ.