Странските инвеститори очекуваат помош и од новата влада


Вака се слави гол во 120-та минута!!! ↓↓↓


Добра комуникација и политика која ќе обезбеди добра соработка меѓу нив и институциите, очекуваат странските инвеститори од новата Влада. Ова денеска го истакна претседателот на Асоцијацијата на автомобилската индустрија при Советот на странски инвеститори на Стопанската комора и генерален директор на компанијата Ван хол, Аврам Стојчевски.

Асоцијацијата денеска во Ван хол во Бунарџик, организираше средба на домашни и странски компании за поттикнување на нивната соработка.

Со било која влада очекуваме да имаме добра комуникација. Веќе започнатата поддршка на инвеститорите во индустриските зони, очекуваме да продолжи. Лудо би било да се креираат такви владини политики кои ќе предизвикаат недоверба кај странските инвеститори кои би придонеле за нивно повлекување од земјава, рече Стојчевски.

Тој, како што рече, очекува странските компании да ги добијат ветените пари од државната помош кои законски им следуваат во износ од 50 отсто од инвестицијата. Ван хол не го достигнал овој износ во првата инвестиција, а веќе е при крај со втората фаза од инвестицијата.

Според него, компаниите на странските инвеститори во земјава на работниците им ги обезбедиле сите неопходни услови за квалитетно извршување на работата и градење успешна меѓународна кариера и ги имплементираат сите светски и домашни стандарди што им се нудат на работниците во фирмите мајки во странство.

Сепак, потврди дека евтината работна рака е еден од низата поволни услови кои им се нудат на странците во понуда на поволности за инвестирање, но рече дека работната рака е квалитетна и платена според македонските стандарди.