Средба на премиерот Заев со новиот евроамбасадор во Македонија, Дејвид Гир


Вака се слави гол во 120-та минута!!! ↓↓↓


На денешната прес-конференција која ја одржа заедно со македонскиот премиер Зоран Заев, новиот евроамбасадор во Македонија, Дејвид Гир, порача дека е потребно да се реформираат сите области, особено владеењето на правото кое што е еден од клучните кластери во преговорите со ЕУ и кое ќе биде отворено прво и треба да биде затворено последно.

Според Гир, земјата ќе мора да одржи постојани напори во сферата на владеењето на правото до крајот на самите преговори.

„Мандатот на новата Влада, како и мојот мандат како шеф на Европската делегација во Северна Македонија започнува во време кога сите едвај чекаме да започне формалниот почеток на преговарањето на земјата со ЕУ на владината конференција. Да потсетам дека земјата во оваа фаза на процесот на интеграција во ЕУ веќе постигна многу кога станува збор за реформите, но исто така и во смисла на решавање на билатералните спорови со соседите кога признаваме дека Северна Македонија е пример за целиот регион”, рече Гир.

Тој потсети дека е потребно да се продолжат реформите и во одржување на демократијата и одбраната на човековите права, заштитата на животната средина и одржлива и динамична економија. Тие, според него, се суштински елементи за опипливи позитивни промени во животот на граѓаните и напредокот во овие сфери ќе значи дека ЕУ ќе дојде во Северна Македонија која што е суштината на процесот на пристапување.

Гир додаде дека се важни и добрососедски односи како дел од процесот на проширување, како што е и процесот за стабилизација и асоцијација.

Тој не одговори директно на прашањето дали освен Бугарија и некои други земји-членки имаат забелешки на Преговарачката рамка, но изрази надеж дека што е можност поскоро ќе се одржи првата меѓувладина конференција со Северна Македонија, со што и официјално се означува почеток на преговорите со Европската Унија.

„Се надеваме дека ова ќе се случи што поскоро и потоа треба да ги засукаме ракавите и да продолжиме со реформскиот процес, да ги забрзаме напорите, кои што веќе се прават во насока на постигнување на целта – пристапување во ЕУ. Во моментов Германија претседава со ЕУ, и оттаму вечат дека првата меѓувладината конференција ќе се одржи до крајот на годината”, додаде Гир.

Заев кажа дека очекува дека дискусијата за преговарачката рамка во Брисел ќе има успешна завршница на Советот на општи прашања, односно на ГАК на 10 ноември по што ќе биде реално да очекуваме одржување на првата Меѓувладина конференција во декември.

„Нашата намера е да ја активираме брзата трака на преговорите по поглавје со целосно и безусловно исполнување на нашата ЕУ-агенда. Што се однесува до нашата страна нема да дозволиме причини за нови одлагања. За нас е прифатлив новиот принцип за реверзибилност на процесот доколку се случи деградација на демократскиот амбиент во нашата земја, но нагласувам, нашата свечена обврска останува и ќе биде да не дозволиме тоа во име на иднината на државата и граѓаните да се случи”, изјави Заев.

За него оптимистички се сигналите од европските партнери дека билатералните прашања не треба да бидат камен на сопнување во фазата на завршните преговори.

„Со Република Бугарија сме сојузници во НАТО, имаме заедничка обврска и должност да ги подобруваме добрососедските односи, меѓусебната соработка и да градиме пријателство. Духот на добрата волја и пријателството коишто произлегуваат од Договорот за пријателство, добрососедство и соработка не обврзува да се фокусираме на зајакнување на односите меѓу двете земји и да ги почитуваме правото на самоопределување и самоидентификација како темелни европски вредности. Ние сме на пат од кој нема враќање. Потрошивме премногу време на конфликти наместо на решавање на истите. Придобивките од нашата работа ги чувствуваат сегашните и ќе продолжат да ги живеат следните генерации со секој чекор, со секое отворено поглавје, со секој решен проблем работиме да го подобриме квалитетот на животот на сите граѓани”, додаде Заев.