Случај „Рекет“: Се пуштаа снимки од претресите кај Боки и Катица – од торбите со пари ни трага


Шанса да станеш YouTuber! Приклучи се! ↓↓↓


Во рамки на денешното судско рочиште за случајот „Рекет“, во судницата се пуштаа снимки и фотографии од извршените претреси и запленување на лични предмети во куќите на обвинетите Бојан Јовановски и Катица Јанева.

Присутните имаа можност да ѕирнат во куќата на Катица Јанева во Козле, во која престојуваше додека беше шефица на СЈО.

Снимки од претресот беа презентирани на видо бим, на кои се виде запленетата гарнитура од 5.000 евра, како и “Луј Витон” чантата, која обвинителството ја одзело како доказ. Оваа чанта не е иста со торбата од истиот бренд, а во која беше спакуван 1 милион евра.

Се прикажуваа парчиња од познатите модни брендови како „Луј Витон”, „Версаче”, „Долче и Габана”, „Диор”, „Викторија Бекам” и други. Дел од гардеробата беше со етикета, што значи дека се уште не била облечена.

Меѓу запленетата облека беше и сребрената наметка од “Луј Витон” која Боки 13 ја носеше на доделувањето на наградите “Story”.

-Костимот кој што го носам на себе е инспириран од приказната, од делот од „Волшебникот од Оз“. Тоа е од последната колекција на компанијата „Louis Vuitton“, но има друга симболика. Имено, сите средства купени од оваа последна колекција одат во борба против тероризмот и насилието. Пораката зошто јас го носам сево ова е голема. Бидете живи и здрави и гледајте 1ТВ, појасни тогаш Јовановски, а потоа се дозна дека наметката чинела неколку околу 8.000 евра.

Освен гардероба, во станот на Јовановски биле пронајдени пари, но и оружје, за кое не беше јасно дали е негово, бидејќи во “Рекет 2” неговиот татко Миле Јовановски е обвинет за неовластено поседување на оружје.

Исто така беа прикажани и белешки од тефтер на Јанева, но содржината не беше читлива за присутната јавност.

Единствено можеше да се прочита една белешка со содржина: „Дали има други снимки, по сè изгледа не”, а на дел од страниците се читаше и името „Боки”.

На снимките се прикажаа сите соби од куќата, од спалната соба до бањата, а на приземјето се виде и теретана, со фитнес опрема, меѓу која и боксерска вреќа.

Судењето е во тек.