Словенечката министерка за надворешни: Македонија може да стане членка на ЕУ до 2030 година и тоа е реална цел


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Заменик-претседателката на словенечката Влада и министерка за надворешни работи, Тања Фајон, во рамки на денешната посета на Скопје упати честитки за, како што рече, историскиот успех со отворањето на пристапните преговори за членство во Унијата.

„Свесна сум дека ова беше болен и тежок пат, односно одлуката е многу важна. Останува Република Македонија да направи се за луѓето, да се започне тешок процес на реформи и тоа не е задача само за Брисел, туку за цела Македонија“, рече Фајон на заедничката прес конференција со министерот за надворешни работи Бујар Османи.

Таа додаде дека ја поддржува Македонија до 2030 година да стане членка на ЕУ, како цел која е реална.

„Ако сите граѓани бидат на тој пат, Словенија ќе го поддржува. Важно е да бидеме свесни дека пристапните преговори се започнати. Словенија ќе направи се да не се загрозат билатералните односи во пристапувањето и државата непречено да продолжи на овој пат и македонскиот јазик да не биде загрозен. Договорот со Фронтекс е доказ, каде македонскиот јазик ќе биде приоритет. Ако направам компарација, и ние имавме болни искуства, моравме да донесеме тешки компромисни улоги но ја достигнавме целта. Ќе бидат потребни многу напори, секако Извештајот јасно кажа кои се тие проблематични точки каде што мораме повеќе да се концентрираме“, додаде Фајон.

Таа, исто така, додаде дека повеќе од 40 отсто од законодавството на земјава е усогласено со европското, што покажува дека Македонија ќе биде успешна на тој пат.

Фајон посочи дека цела Европа е погодена поради војната во Украина и затоа сите држави мора да бидат солидарни.

„Како што е тешко за македонскиот народ да се справи со високите цени, дали ќе имаат топол дом и дали ќе имаат да купат храна, така е и за словенечкиот народ. Дел од европскиот процес е и солидарност. ЕК ќе донесе одлука и ќе помогне, а дел од помошта ќе биде наменета за земјите од Западен Балкан“, посочи Фајон.

Во однос на мултилатералните односи, вели дека има голема поддршка, бидејќи поради војната настојуваат да се задржи мирот и безбедноста, да не се загрози меѓународното право и мир. Додаде дека ставовите се идентични, и Македонија одлично ги приспособи санкциите и осудата на војната во Украина.