Скопското обвинителство поднесе обвинителен предлог против Латас и Лазаров


Уствари викендов е затишје пред бура! ↓↓↓


Скопското Основно јавно обвинителство (ОЈО) поднесе обвинителен предлог против новинарот Драган Павловиќ-Латас и јутјуберот Стефан Лазаров за кривичното дело ширење расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем. За вакво дело законот предвидува затворска казна од 1 до 5 години.

Обвинението следува по гостувањето на Латас во поткастот на Лазаров во кој тој раскажуваше за сексуално искуството со девојка во неговите тинејџерски години што предизвика бура реакции во јавноста поради стимулирање насилство и родова дискриминација.

„Двајцата обвинети преку компјутерски систем, ширеле расистичка и ксенофобична репрезентација на идеја која промовира насилство спрема жени, со што предизвикале реакции и чувство на згрозеност и вознемиреност во јавноста. Првиот обвинет, гостувајќи во интервју објавено на 14 февруари како поткаст на јутјуб-канал на вториот обвинет, јавно промовирал чин на полово насилство, евоцирајќи спомени од неговото наводно минато, без да изнесе морална осуда или каење, со тоа свесно промовирајќи го таквото насилничко однесување. Вториот обвинет, иако бил свесен за влијанието што го има содржината што ја емитува особено меѓу младата популација, сепак, не го спречил или прекинал соговорникот, туку дополнително го наведувал со коментари и потпрашања да го прераскажува спорниот настан“, велат од ОЈО Скопје.

Од ОЈО Скопје нагласуваат дека го обезбедиле поткастот и другите докази за да го потврдат кривичното дело за кое се гонат Латас и Лазаров.

За Латас обвинителството бара и одземање на пасошот поради опасност од бегство, а и за него и за Лазаров предложена е мерка забрана за каков било јавен настап со кој се промовира ширење расистички и ксенофобичен материјал.

„Имајќи ги предвид меѓународните обврски кои произлегуваат од Конвенцијата на Советот на Европа за спречување и борба против насилството врз жените и семејното насилство, но и влијанието и последиците од постапките на двајцата обвинети врз јавниот морал и интерес, за двајцата обвинети предложена е мерка – забрана за преземање определени работни активности кои се поврзани со кривичното дело што им се става на товар, односно забрана за каков било јавен настап со кој се промовира ширење расистички и ксенофобичен материјал“, велат од обвинителството.