Шведска ќе гради подземно складиште за нуклеарен отпад – тврди дека ќе биде безбедно следните 100.000 години


Уствари викендов е затишје пред бура! ↓↓↓


Владата на Шведска даде зелено светло за изградба на подземно складиште за радиоактивен отпад за кое што тврди дека ќе биде безбедно во следните 100.000 години.

Складирањето на нуклеарниот отпад е глобален проблем од отворањето на првите нуклеарни централи во 1950-тите и 1960-тите.

Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) проценува дека ширум светот привремено се складирани околу 370.000 тони радиоактивен отпад.

„Нашата генерација мора да преземе одговорност за нуклеарниот отпад. Ова е резултат на 40-годишно истражување и на безбедно ќе бидат следните 100.000 години“, изјави министерката за животна средина Аника Страндхал.

„Тоа е конечно решение за складирање на потрошеното нуклеарно гориво. Ова ќе обезбеди користење на постоечката нуклеарна енергија како дел од транзицијата кон првата развиена нација независна од фосилни горива“.

Шведските нуклеарни централи произвеле околу 8.000 тони радиоактивен отпад од почетокот на работата во 1970-тите.

Сега се планира тој отпад да се закопа на 500 метри во близина на нуклеарната централа Форсмарк.

Шведската одлука доаѓа во време на обновен интерес за нуклеарната енергија, која многу земји ја сметаат за клучна за напуштање на фосилните горива.

Европската унија планира нови нуклеарни централи да ги класифицира како „зелени“.

Швеѓаните гласаа против нуклеарната енергија во 1980 година, но нивниот став се менува, пишува Ројтерс.

Главните шведски партии постигнаа договор за нуклеарна енергија во 2016 година, со кој се договорија шест постоечки реактори да продолжат да работат и дека уште десет ќе бидат изградени на истите локации.