Се стеснува кругот: Владина одлука за забрана за групирање на повеќе од четири лица на јавен простор во текот на целиот ден


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


На вчерашната владина седница, Владата донесе одлука за забрана за групирање на повеќе од четири лица на јавен простор во текот на целиот ден, откако во деноноќието меѓу неделата и понеделникот беа регистрирани нови 515 случаи позитивни на коронавирусот од 1.293 тестирања, 20 починати и 1.194 оздравени.

Вкупната бројка на ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 40.275, бројката на оздравени пациенти е 24.229, на починати е 1.156, а бројот на активни случаи изнесува 14.890. Според вчерашниот здравствен билтен, во земјава се хоспитализирани 998 позитивни и суспектни на вирусот.

Од здравствените работници кои работат и се на испомош на Универзитетската клиника за инфективни болести и фебрилни состојби во моментов 11 се позитивни, а двајца се во изолација. Од 11-те позитивни, седум се медицински сестри од Клиниката, двајца се доктори, а две се медицински сестри кои се на испомош, информира вчера Министерството за здравство.

На Клиниката, како што посочуваат, работат вкупно 40 медицински сестри, а 11 се на испомош. Во Модуларната болница до Инфективната клиника, пак, работат три медицински сестри, а 14 се на испомош.

Заклучно со вчерашната статистика на Институтот за јавно здравје, во моментов има 297 активни случаи меѓу здравствени работници. Од почетокот на здравствената криза со коронавирусот вкупно позитивни на вирусот биле 527 здравствени работници, а 12 од нив починале, потенцираат од Министерството за здравство.

Владата на вчерашната седница донесе одлука за забрана за собирање во групи (групирање) на повеќе од четири лица на јавен простор, односно паркови, јавни површини или каде било на отворен простор и наместо по 21 часот забраната ќе трае во текот на целиот ден, цела седмица и со точно дефинирани исклучоци од оваа забрана, информираат од Владата.

На вчерашната седница беше заклучено поранешни армиски службеници, над 45-годишна возраст, да се вклучат како поддршка на Министерството за здравство во делот на одржувањето на редот на здравствените институции. Беше одлучено и Министерството за одбрана, за потребите на Министерството за здравство во справување со последиците од заразната болест ковид-19 за определен временски период да отстапи одреден број санитетски возила.

Во насока на брзото детектирање на инфицирани со коронавирусот од вчера во Скопје почна тестирање со брзи тестови. Тестирањата се вршат во поликлиниките „Ѓорче Петров“, „Чаир“, „Ченто“, „Бит Пазар“, „Јане Сандански“ и „Млин Балкан“.

Од Министерството за здравство појаснуваат дека со овие тестови се детектира коронавирусот, а не антитела. Резултатите од брзиот тест се добиваат за 10 до 15 минути. Брзите тестови ги закажува матичниот лекар, според претходно одреден алгоритам, а еден од критериумите е симптомите на ковид-19 да не траат подолго од пет дена од почетокот до тестирањето.

Термините за тестирање со брзи тестови ќе одат преку „Мој термин“. Од Министерството напомнуваат дека и доколку брзиот тест е негативен, но симптомите сугерираат на ковид-19, тогаш матичниот лекар може да процени да направи дополнително и ПЦР тест.