Рочиштето за „Рекет“ повторно одложено – адвокатите на Јанева добија рок до понеделник


Вака се слави гол во 120-та минута!!! ↓↓↓


Денешното судско рочиште за случајот „Рекет“ беше одложено, откако адвокатите на бившата специјална обвинителка и шефица на СЈО, Катица Јанева, повторно не се појавија во судницата.

Нејзините адвокати, Дељо Кадиев и Ирена Фрчковска беа отсутни и на денешното закажано рочиште поради нарушена здравствена состојба. Но, и покрај нивното отсуство , обвинетата Јанева е децидна, вели има бранители, пренесува Мкд.мк.

Судијката Васка Николовска – Масевска која постапува во овој предмет денес ја праша Јанева како планира да го продолжи текот на нејзината обрана со оглед дека нејзините адвокатите се болни и можно е и натаму да отсуствуваат, а тоа е недозволиво бидејќи се работи за притворски предмет кој не може да чека.

Обвинетата Јанева на ова кусо одговори: „Јас имам бранители”. На ова судијката возврати: „Да, но тие се болни”.

Јанева остави на судот да донесе одлука како ќе го води предметот понатаму во врска со нејзината одбрана, бидејќи како што рече обвинетата, не сакала да биде погрешно разбрана.

Судијката Николовска – Масевска одлучи за следното закажано рочиште за во понеделник во судница да биде присутен и адвокат по службена должност кој би ја застапувал Јанева доколку повторно не дојде ниту еден од нејзините бранители на „Рекет”.

На 21 јануари адвокатката Ирена Фрчковска до судот поднела барање за одлагање на рочиштето, а во прилог доставила и медицинска документација и документ за отворено боледување поради болест, појасни судијката. Според образложението на судот од 8 јануари на Инфективната клиника во Скопје се наоѓа вториот адвокат на Јанева, Дељо Кадиев поради лоша здравствена состојба.

И двајцата бранители пред судот го оправдале нивното отсуство, но судијката дополни дека не може да знае до кога ќе трае оваа состојба кај адвокатите и дека судењето не може до недоглед да се одложува бидејќи обвинетиот Бојан Јовановски е во притвор.

На денешното рочиште во судница по втор пат доаѓа обвинителката Лиле Стефанова која треба да сведочи во оваа постапка, но нејзиното сведочење јавноста ќе го чуе најверојатно во понеделник за кого е презакажано ова судење.

До сега од тимот на Јанева пред судот сведочеше обвинителката Елизабета Јосифовска.

Пред судот на предлог на обвинителката Вилма Русковска сведоци ќе бидат и други обвинители од СЈО.