Решиле да го касапат Маврово: Ќе никнува уште една шесткатница – локалните жители бараат да се сопре процесот


Спасе Манев (Патувања низ Македонија): Ги откриваме скриените убавини на Македонија ↓↓↓


Непосредно пред последните локални избори, во невообичаено експресна постапка, градоначалникот на општината Маврово Ростуше Медат Куртовски ја потпиша документацијата за изградба на уште една повеќекатница во село Маврово, на самиот пат во близина на училиштето. Месната заедница Маврово реагираше на ова, се работи за нелегална постапка, велат тие, и на градоначалникот му дадоа рок од седум дена да ја поништи планската документација. Писмото е испратено на 8 март, пренесува МКД.МК.

Лани на 12 јули градоначалникот на Маврово Ростуше ја потпишал урбанистичко-планската документација за изградба на повеќекатници на шест нивоа на катастарските парцели 1874/1, 1874/2, 1874/3, 1874/4 и 1874/5.
За месната заедница Маврово се работи за незаконски донесена урбанистичка документација. Претставници на месната заедница велат дека градоначалникот најпрво експресно одобрил изгрaдба на наводно индивидуални објекти, а всушност се работи за три споени објекти со огромни димензии на ваков мал простор помеѓу новиот и стариот пат за село Маврово. Тие се сомневаат во целата постапка затоа што само за дваесетина дена е донесен Архитектонско-урбанистичкиот проект (АУП), приватизацијата на земјиштето е завршена за еден ден. Вообичаено за АУП се чека и до две години.

„Постои основано сомневање за незаконско дејство. Сметаме дека планот е незаконски донесен, а и изградбата на овие објекти дополнително ќе ја нагрди сликата на Маврово“, велат од Месната заедница Маврово.

Она што е интересно во целиот случај е тоа што Одделението за урбанизам на општината на 23 јуни минатата година констатирало бројни недостатоци во постапката за овие парцели. Во материјалот, потпишан и од раководителот на одделението за урбанизам на општината Садредин Елезоски, се вели дека треба „прецизно да се одреди од која кота е пресметана висината и бројот на катови. Вообичаено за терени во пад истата да се смета од најниската точка или да се даде вкупен број на катови над котата на терен. Објектите да имаат не повеќе од три нивоа корисна површина. Од приложената силуета (пресекот низ терен) од долната кота планираниот објект има пет ката од котата на улицата од долната страна“.

На овие забелешки инвеститорот Игор Трајковски и друштвото за проектирање Урбан планер од Гостивар одговориле позитивно, но на потпис кај градоначалникот отишол планот без никакви измени, откако истите тројца од Одделението за урбанизам на 6 јули се согласиле со „измените“. На 12 јули веќе се било потпишано.
Од Месната заедница велат дека градоначалникот ветил дека детално ќе проверел се и во Министерството за транспорт и во градежниот инспекторат и ќе им одговорел на нивното барање.

Од Општина Маврово Ростуше како и досега не одговараат на нашите прашања.

За овие објекти општинарите пред две години велеа дека ќе се градат 33 викенд куќи
Рецептот за издавање дозволи на помали објекти кои потоа се поврзуваат во големи објекти веќе е применет во комплексот на Фортон до скијачкиот центар каде се изградија веќе 180 станови од „модерниот резиденцијален станбен комплекс“. Тогаш, во септември 2020 година мавровските урбанисти не убедуваат дека таму ќе се градат 33 викенд куќи со висина од најмногу 8,2 метри.