Путин тврди дека постоењето на Русија како држава зависи од војната во Украина


Вака се слави гол во 120-та минута!!! ↓↓↓


Претседателот на Русија, Владимир Путин, изјави дека постоењето на Русија како држава зависи од војната во Украина.

Обраќајќи им се на работниците на фабрика за авиони, Путин ги повтори тврдењата дека Западот планира да ја уништи Русија. Претходно ги обвини западните земји дека ја користат Украина како средство за нанесување „стратегиски пораз“ на Русија, пренесуваат агенциите.

„Значи, за нас тоа не е геополитичка задача, туку задача за опстанок на руската државност, создавање услови за идниот развој на земјата и нашите деца“, истакна рускиот лидер.

Кажа и дека руската економија зајакнала по наметнувањето на западните санкции. Го поздрави она што го нарече „новооткриена економска независност“ и кажа дека рускиот финансиски систем е во подобра позиција и покрај очекувањата на Западот дека ќе се урне.

„Се покажа, за многумина од нас, а уште повеќе за западните земји, дека темелите на стабилноста на Русија се многу посилни отколку што некој мислеше“, им порача на работниците во погонот за производство на хеликоптери.

„Повеќекратно го зголемивме својот економски суверенитет. Всушност, што очекуваше нашиот непријател: Дека ќе се урнеме за две до три недели или за еден месец“, кажа рускиот претседател. Коментарите на Путин доаѓаат откако Блумберг објави дека Русија зачувала 66 милијарди имот во странство во текот на минатата година и покрај санкциите.