Путин стави потпис на законите за анексија на четирите украински региони


Вака се слави гол во 120-та минута!!! ↓↓↓


Претседателот на Руската федерација, Владимир Путин, ги потпиша законите за припојување на четирите украински региони кон Русија, што претставува финална фаза од анексијата која е во спротивност со меѓународното право, јавуваат светските медиуми.

Претходно на 30 септември Путин ги потпиша документи за анексија на украинските региони Донецк, Луганск, Херсон и Запорожје, чии делови беа окупирани од руските сили, но, според ситуацијата на теренот, Москва не контролира целосно ниту еден од наведените региони.

„Границите на новите субјекти на Федерацијата, како што следува од договорите, ќе бидат одредени со границите што `постоеле на денот на нивното формирање и прифаќање во Руската Федерација`. До изборот на шефовите на новите региони, во согласност со руските закони, тие ќе бидат предводени од привремени вршители на должност назначени од Путин“,

пишува „Гардијан“ повикувајќи се на руската државна агенција ТАСС.
Потегот, како што наведува „Асошиејтед прес“, доаѓа во момент кога војната на Москва во Украина влезе во нова, многу поопасна фаза. Руските сили трпат значителни загуби на бојното поле поради што се принудени да се повлекуваат, додека украинските сили заземаат сè повеќе од окупираните територии на истокот и на југот на земјата, односно истите региони кои Москва ги прогласи за свои со анексијата.

Во своето секојдневно обраќање кон јавноста, украинскиот претседател Володимир Зеленски синоќа изјави оти има добри вести од фронтот и додаде дека украинската армија постигнала прилично голем и брз напредок против руските сили и ослободила од окупација десетици градови на југот и на истокот на земјата.

Прашање на време е, рече Зеленски, пред да го избркаме окупаторот од целата територија на Украина.

Постигнувајќи го својот најголем пробив на југот од почетокот на војната, украинските сили повторно зазедоа неколку села вдолж стратешката река Днепар, а лидерот инсталиран од Русија во регионот Херсон на југ, Владимир Салдо, признал оти украинските сили пробиле во близина на Дудчани – град на реката Днепар, околу 30 километри јужно од претходната линија на фронтот.

Во меѓувреме, на исток, трупите на Киев продолжија со напредувањето, при што полека навлегуваат во Луганск, област која минатата недела беше анектирана од Москва, а претходно беше под речиси целосна руска контрола.

Претходно, Москва организираше референдуми во овие четири региони кои беа отфрлени од меѓународната заедница како лажни.

Лидерите на западните земји и меѓународните организации децидно рекоа дека никогаш нема да го признаат нелегалното припојувањена украински територии кон Русија, , како и лажните реферндуми што и претходеа на анексијата.