Прв исчезнат вид во 2020: Изумре еден од најголемите видови на речна риба


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Според информациите кои ги споделија научниците од оваа област, не постојат повеќе примероци на кинескиот веслоклун, што некогаш бил многуброен во реката Јангце, а кој сега е првиот изумрен вид во 2020 година.

Хуи Џанг, во соработка со колегите од кинеската академија за риболов, во извештајот на почетокот на 2020 година изјави дека последните примероци од тој вид умреле некаде помеѓу 2005 и 2010 година, а нивното истражување било објавено подоцна оваа година во списанието Science of the Total Environment.

Како и многу морски видови, оваа риба била загрозена од загадување, прекумерен риболов и загуба на живеалиштата. Бидејќи во заробеништво нема примероци од овој вид, невозможно е да се започне програма за размножување за да се врати популацијата во реките, пишува The Vintage News.

Кинескиот веслоклун е риба со екстремно долг нос, па токму затоа е наречен „слоновска риба “. Може да порасне до 7 метри во должина, што ја прави една од најголемите слатководни риби на светот.

Честопати тоа беше цел на рибарите во 1970-тите години, но главниот удар е направен со подигнувањето на браната Гежуба во 1981 година, кога почина половина од вкупната популација. Имено, поради браната, рибите повеќе не можеа да пливаат возводно на локациите за мрест.

Во 1989 година, е вклучена на листата на загрозените животни, но дотогаш беше предоцна да се обезбеди нејзиниот опстанок. Последниот примерок од оваа риба е виден во 2003 година.

Џанг и неговите соработници се надеваат дека нивните откритија ќе ги охрабрат властите да вложат поголеми напори за зачувување на другите видови на работ на истребување, како што е кинескиот алигатор.

Јангце е најголемата река во Азија. Таа игра важна улога во кинескиот секојдневен живот во областа како што се туризмот, економијата и земјоделството. Некои од нејзините области се места со најголем биодиверзитет на земјата и се дом на стотици видови риби, диви животни, водоземци и влекачи.

Сепак, како и многу земји, Кина балансира меѓу интересите на економијата и индустријата и групите за заштита на животната средина.