Протести, тензии, солзавец и водени топови во Тбилиси заради новиот закон устроен по руски вкус


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Илјадници луѓе втор ден по ред излегоа на протести во главниот град на Грузија, Тбилиси, против владата и нејзините планови за закон против „странските агенти“. Според очевидци, проевропските демонстранти го опколиле парламентот.

Набљудувачите проценуваат дека во раните вечерни часови пред парламентот се собрале од 10.000 до 15.000 луѓе, односно повеќе од претходната вечер. Демонстрантите вееја грузиски и украински знамиња, како и знаме на ЕУ. Тие ја пееја и украинската химна во знак на солидарност со Украина. Подоцна, како што се вели, некои демонстранти се обиделе да упаднат во парламентот. Силните полициски сили употребија солзавец и водени топови за да ги потиснат демонстрантите, кои пак возвратија со фрлање камења и шишиња, пренесува Дојче Веле.

Протестот е насочен против т.н. закон за странски агенти, предложен од владата која е ориентирана главно проруски. Слично како во Русија,грузиското раководство сака да ги класифицира медиумите и невладините организации кои добиваат пари од странство како „странски агенти“. Демонстрантите стравуваат дека законот може да се искористи за зголемување на цензурата, како во Русија. Тие, исто така, стравуваат дека тоа би значело губење на шансата на Грузија да стане кандидат за ЕУ.

Мнозинството од грузиското население е за влез на земјата во ЕУ. Претседателката Саломе Зурабишвили ги поддржа демонстрантите и најави дека нема да го потпише контроверзниот закон. Сепак, нејзиното вето може да биде отфрлено од парламентот, во кој владејачката партија има мнозинство.