Просветните работници денес со предупредувачки штрајк – во училиштата, но без да работат


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Нова учебна 2019/2020 година, сепак, започна како што беше најавено од страна на Синдикатот за образование, наука и култура – со штрајк.

Претседателот на СОНК, Јаким Неделков, за Канал 77 изјави дека не располагаат со конкретна бројка на наставници кои денеска се појавиле на своите работни места, но без да се „впуштаат“ во какви било воспитно образовни активности. Тој најави дека во текот на денот синдикалците интензивно ќе праќаат известувања до него за тоа како ќе се одвива штрајкот, па допрва ќе се знае и како истиот се одвива по региони во државава.

Изминатата недела кога се уште беше неизвесно дали штрајкот воопшто ќе се одржи, просветните работници добија поддршка од Конфедерацијата на слободни синдикати, а како што ни посочи Неделков, поддршка пристигнала и од Независниот синдикат за образование и наука.

Од утре наставата почнува да се одвива вообичаено, но барањата на СОНК за повисока плата и понатаму остануваат. Во меѓувреме продолжуваат преговорите со ресорното министерство, со кое синдикалците не успеаја да пронајдат заеднички јазик, поради што вчера одлуката за штрајкот и официјално беше потврдена.