Прочитајте ја „Милениче“ од Лидија Димковска – песната која е објавена во едно од најпрестижните светски списанија


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Песната „Милениче“ од македонската поетеса и писателка Лидија Димковска е објавена во последниот број на едно од најпрестижните светски списанија за литература и култура, британскиот неделеник „Тајмс литерари саплмент“ (Times Literary Supplement) од Лондон. „Милениче“ е објавена во препев на англиски јазик на Љубица Арсовска и Патриша Марш-Стефановска.

„Милениче“ е од „Гранична состојба“, последната поетска збирка на Димковска објавена лани од „Или-Или“, за која ја доби наградата „Браќа Миладиновци“ за најдобра поетска книга од македонски автор на Струшките вечери на поезијата (СВП).

Милениче

Го пои со млеко во прав, а тоа сака прапрамајчино,
го храни со кашички од овошје, а тоа сака од крв и земја,
го капе во корито со природен беби-сапун,
а тоа сака во вода осветена од верски поглавар,
го брише со памучна крпа,
а тоа сака со знамето од ковчегот на архивата,
го завиткува во ќебенце со мечиња,
а тоа сака во јамболија со народна шара,
го легнува во креветче со балдахин од ѕвезди,
а тоа сака во лулка со кукести крстови,
го успива со приказните на Грим и Андерсен,
а тоа сака локални легенди за победи без порази,
го буди со детска песничка,
а тоа сака со химна повлечена од употреба,
го облекува во шарени алиштенца,
а тоа сака во црна униформа,
го обува во леки чевлички,
а тоа сака во цокули со боцкави нитни,
му подава топче со виножитни зраци,
а тоа сака бејзбол палка со мртовечки глави,
го учи „не лути се, човече“ на клупа во градината,
а тоа сака да плете бодликава гранична жица,
го остава да си игра во песокот со другите деца,
а тоа ги штипе ако имаат друга боја на кожата,
го држи за левата рака на прошетка,
а тоа пред себе ја пружа десната и маршира,
му става капки против поленов прав,
а тоа бара антиалерген против другоста,
му предава нови јазици за да вреди повеќе,
а тоа ја плука со својот што правилно не го ни знае,
го учи на добро, а тоа го љуби злото,
го носи на час по историја, а тоа ја повторува.
Му подарува куче – куц, куц,
му купува маче – мац, мац,
а тоа со тупаница ѝ го вади окото,
ја плука в лице и вреска:
јас сум Нац! Наци, нац!