„Пробугарските“ ставови на Малески не кореспондираат со ставовите на претседателот Пендаровски


Шанса да станеш YouTuber! Приклучи се! ↓↓↓


Откако последно искажаните ставови на професорот Денко Малески, кој е актуелен надворешен советник на македонскиот претседател Стево Пендаровски, во македонската јавност беа оценети како „пробугарски“, се огласија и од претседателскиот кабинет на Пендаровски.

Оттаму потенцираат дека ставовите на Малески не кореспондираат со размислувањата и ставовите на претседателот Стево Пендаровски за македонско-бугарските односи.

Професорот Малески, кој е и првиот министер за надворешни работи на независна Македонија, пред неколку дена, во колумна, а подоцна и во интервју за бугарска телевизија, изнесе ставови за македонскиот јазик и македонската нација, кои во јавноста беа оценети како „пробугарски“.

​„Професорот Денко Малески е надворешен советник на претседателот Пендаровски, кој има уште двајца надворешни советници за прашања од областа на надворешната политика. Во Кабинетот, постојани советници за овие прашања се амбасадорот Гоце Карајанов и д-р Александар Љ. Спасов со кои претседателот е во комуникација на дневна основа. Освен споменатите, претседателот се консултира и со многу други експерти и професори од академската заедница и од МАНУ. Последните јавно искажани ставови на професорот Малески не кореспондираат со размислувањата и ставовите на претседателот Пендаровски за македонско-бугарските односи“, ни одговорија од претседателскиот Кабинет.

Сепак, велат од Кабинетот, тој факт не значи дека претседателот Пендаровски не треба да соработува со професорот Малески.

„Одамна е зад нас времето кога сите советници на претседателот и премиерот, до последен, имаа задача само да ги повторуваат ставовите на своите претпоставени“, се вели во одговорот од Кабинетот на Пендаровски.