Привршува 2022 – годината која го означи крајот на пандемијата на Ковид-19


Уствари викендов е затишје пред бура! ↓↓↓


За поголемиот дел од населението на планетата Земја 2022 година го означи почетокот на крајот на пандемијата на Ковид-19.

Многу земји го укинаа локдаунот, маските се симнаа, вработените се вратија на работа со физичко присуство, училиштата продолжија со настава, патувањата, дружењата, спортските и културните настани се вратија во нормала.

„Пандемијата е завршена“, рече американскиот претседател Џо Бајден во септември, осврнувајќи се на променливото однесување на Американците.

Светската здравствена организација (СЗО) допрва треба да прогласи крај на вонредната состојба во јавното здравство поради Ковид-19, воведена во јануари 2020 година.

„Сè уште не сме таму. Но, крајот е на повидок“, изјави генералниот директор на СЗО Тедрос Аданом Гебрејесус веднаш по изјавата на Бајден во септември.

Појавувањето на варијантата Омикрон кон крајот на 2021 година, со неговата способност повторно да зарази луѓе и рекордниот скок на случаи на Ковид што следеше, ги збуни предвидувањата за враќање во нормала.

Сепак, во следните месеци, состојбата беше постабилна, новите варијанти на коронавирусот останаа тесно поврзани со Омикрон, без радикално да се промени неговото влијание.

Вакцинацијата во голема мера придонесе за заштита од тешки форми на болеста и смрт за многу луѓе, а беше воведена и нова генерација на засилувачи насочени кон варијантите на Омикрон. Исто така, третманот на лекување стана посовршен. Тестирањето за Ковид-19 во домашни услови стана рутина.

Изминатата година најакутната закана од Ковид се повлече на многу места, но сепак продолжува во секојдневниот живот, особено се поизразените постковид симптоми кои можат да траат со месеци, манифестирајќи се на различни начини.

Речиси седум милиони луѓе починаа од оваа болест, а глобалните дневни смртни случаи остануваат речиси 2.000. Пристапот до вакцини, засилувачи и третмани останува нееднаков на глобално ниво.

Во Кина, политиката за нулта Ковид ги сведе смртните случаи на минимум и го поштеди нејзиниот здравствен систем од колапс под напливот на инфекции.

Но, значителен дел од 1,4 милијарди население во земјата можеби не бил изложен на вирусот, што го спречува развојот на природен имунитет кој, заедно со високите стапки на вакцинација, создава заштита.

Податоците покажуваат дека пандемијата ги наруши сите видови на здравствена заштита, од имунизација во детството до скрининг за рак. Очекуваниот животен век во некои земји опадна, додека загриженоста за менталното здравје вртоглаво порасна.

Експертите на готовност: Со последиците од пандемијата ќе се справуваме уште многу години

Експертите за заразни болести остануваат на готовност за нова варијанта на коронавирус што може драматично да ги поткопа вакцините и третманите.

Сепак, во 2022 година, болеста Ковид-19 беше помалку тешка и помалку смртоносна во споредба со 2020 и 2021 година, а не се појавија нови варијанти за да поттикнат голем бран случаи.

За тоа придонесе и големиот напредок во технологијата за вакцини што овозможува брзо ажурирање за заштита од нови соеви, поефективен третман и превенција, орални антивирусни лекови, но и растечкиот имунитет на населението на вирусот.

„Смртноста и болеста од Ковид-19 сега многу повеќе личат на грип, концентрирани во постарите возрасни групи. Постои надеж дека симптомите стануваат поблаги како што нашиот имунолошки систем реагира на овој вирус, вели професорот по епидемиологија Дејвид Дауди.

Епидемиологот Џипсиамбер Д’Суза, пак, вели дека „создадовме доволно имунитет на Ковид за да дозволиме животот да се врати во нормала на многу начини, без огромни скокови на смртни случаи“.

Но, првите месеци од годинава, јануари и февруари, САД се соочија со омикронскиот бран. „На својот врв, бранот вклучуваше најголем неделен број случаи и речиси најголем неделен број на смртни случаи од целата пандемија“, вели Дауди.

Д’Суза пак додава дека ниту вакцинацијата, ниту прележаноста ги намалиле шансите за повторна инфекција. „Иако ризикот од тешка болест е многу помал, многу луѓе имаат симптоми кои ги држат во кревет со денови и се чувствуваат прилично лошо“, вели докторката.

Годинава во негативен контекст ја обележаа и дезинформациите за Ковид, особено околу последиците од вакцините, за употребата на антивирусниот лек Паксловид (Paxlovid), за зголемени стапки на ментални болести особено кај адолесцентите…

Оваа година, исто така, покажа дека Ковид трајно го промени начинот на работа.

„Имаше општествени промени во достапноста на работа од дома и хибридна работа кои се позитивни за многу поединци“, вели Д’Суза.

Експертите сметаат и дека кинеската политика за нулта-Ковид за нив е сосема нејасна, бидејќи епидемии се случуваат низ целата земја, а болниците известуваат дека се преоптоварени бидејќи се судираат и со Ковид и со грип.

Д’Суза забележува дека е нејасно колку новите двовалентни засилувачи штитат од тековните видови, бидејќи многу луѓе имаа Ковид ова лето или есен и не е јасно дали ќе имаат корист од тие вакцини.

Исто така, не е познато колку Ковид влијае на циркулацијата на другите респираторни вируси и на вкупната смртност од пневмонија и грип, на долг рок.

За разјаснување на овие нејаснотии експертите препорачуваат универзални вакцини, подобри антивирусни средства и справување со Ковид како и со другите респираторни вируси.

„Мојата надеж е дека повеќето луѓе ќе чувствуваат дека нивните животи се враќаат во нормала и дека ќе има помалку стрес и грижа за тоа дали можат да патуваат, да се видат со семејството и пријателите и да присуствуваат на големи собири“, вели Д’Суза.

Според експертите, животот никогаш нема да биде целосно ист, а со последиците од пандемијата ќе се справуваме уште многу години.

СЗО со надеж дека во 2023 ќе се стави крај на вонредната состојба на Ковид-19

Светската здравствена организација соопшти дека се надева дека Ковид-19 повеќе нема да биде вонредна состојба за јавно здравје во 2023 година.

Како што се навршува третата годишнина од првичното избувнување, СЗО посочува дека овој вирус нема да исчезне и дека сите земји ќе треба да научат да управуваат со него како и со другите респираторни заболувања.

Шефот на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус, рече дека неделниот број на смртни случаи од Ковид-19 сега е околу една петтина од она што беше пред една година – но сепак е премногу висок.

„Минатата недела животот го загубија помалку од 10.000 луѓе. Тоа се уште е премногу. Има уште многу што можат да направат сите земји за да спасат животи. Но, изминавме долг пат. Се надеваме дека во одреден момент следната година ќе можеме да кажеме дека Ковид-19 повеќе не е глобален здравствен итен случај“, рече Тедрос.

Според СЗО, досега се администрирани повеќе од 13 милијарди дози вакцини, а околу 30 отсто од луѓето во светот не примиле ниту една доза.

Во Светската здравствена организација се пријавени речиси 650 милиони потврдени случаи на Ковид-19 и повеќе од 6,6 милиони смртни случаи.

Тедрос рече дека додека светот сака да стави крај на вонредната состојба на Ковид-19, која ги потресе економиите и остави милиони луѓе да страдаат од тековни симптоми, треба да се разбере како започнала пандемијата.

Првите случаи на Ковид-19 беа регистрирани во кинескиот град Вухан во декември 2019 година.

„Продолжуваме да ја повикуваме Кина да ги сподели податоците и да ги спроведе студиите што ги побаравме, за подобро да го разбереме потеклото на овој вирус“, рече Тедрос.

Тој додаде дека вирусот постои толку долго, што е речиси дел од семејството.

Шефот за вакцини на СЗО, Кејт О’Брајан, пак, се осврна на вакцините и трендот на вакцинација против Ковид-19.

„Би сакале да имаме вакцини кои се поефикасни против инфекции и пренос и имаат поголемо времетраење на заштитата“, рече О’Брајан, повикувајќи на повеќе тековни инвестиции во истражување и развој.

„Ако сегашниот тренд продолжи, се надеваме дека следната година ќе можеме да прогласиме крај на оваа вонредна состојба“, истакна О’Брајан.