Приватните градски автобуси во Скопје и денес нема да сообраќаат на редовните линии


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Скопје и денеска, вторник, 22. ноември, ќе остане без дел од градскиот превоз бидејќи штрајкот на приватните превозници „Слобода превоз“ и „Макекспрес“ кои возат на 15 градски линии продолжува и во текот на денешниот ден.

Приватните првозници од средбата во Град Скопје излегоа незадоволни. Основното барање не е решено, а тоа е да си ги наплатат парите што им ги должи градот. Скопјани утре ќе имаат повторно главоболки – нередовен и неорганизиран превоз и метеж по улиците дополнително создаден од реконструкција на улици.

Над еден милион евра на приватните превозницик им должи Град Скопје, односно ЈСП.

„На средбата ни беше речено дека не може да се исплатат пари зашто ребалансот на буџетот не е поминат, а дека ќе треба време од можеби 40 дена. Но така сите ќе изгубат, ќе изгубиме ние, граѓаните, градот, дополнително ќе се нарушат односите со градската администрација. Но, можам да кажам дека имам чувство дека поради незадоволството на возачите кои вложија свои пари во интерес на граѓаните, а парите не им се надоместени од Градот за извршениот превоз, дека ќе се случат протести и нови штрајкови и блокади“, изјави Ленин Јовановски, директор на „Слобода превоз“.

Двете здруженија решија заедно да се борат за да си ги надоместат вложените средства и да ја добијат правдата.

Милорад Димитриевски, претседател на „Макекспрес“ изјави дека вечерва ќе одлучат што да се прави понатаму.

„Веројатно ќе има нови протести, веројатно ќе бидат организирани заедно со ‘Слобода превоз’, останува да решиме во рамки на управните тела на здружението“, рече Димитриевски.

На претставниците на здруженијата не им е јасно дали постои можеби и некоја „игра“, поради протести изразени низ паркирање на автобусите, Град Скопје да го раскине и договорот со „Слобода превоз“, по што би ги презела нивните авгобуски линии, иако за тоа капацитетот на ЈСП е на ниско ниво.

Денеска граѓаните се жалат дека долго ги чекаат автобусите на ЈСП, а дека дополнителен проблем е што не возеа приватните автобуси. Автобусите се полни со луѓе и нередовни, а патувањето на некои линии трае предолго зашто се реконструираат неколку сообраќајници.