Прилепскиот и струмичкиот карневал се откажуваат поради коронавирусот


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


На денешната претпладневна владина седница ќе биде донесена одлука со која ќе препорача или евентуално и ќе се наметне забрана за одржување масовни јавни собири во наредните денови поради коронавирусот, пренесува „360 степени” повикувајќи се на извор од извршната власт.

Одлуката ќе биде логична последица на предлогот што вечерва го утврдил Управувачкиот комитет, највисоката инстанца во системот за управување со кризи во земјава. Овој предлог, пак, доаѓа по препорака на епидемиолозите од Комисијата за заразни болести кои сметаат дека масовните собирања може да придонесат за ширење на вирусот.

Одлуката на Владата ќе се однесува директно на карневалите што претстојниот викенд треба да се одржат во Струмица и во Прилеп, како и на спортските натпревари во следните денови, појаснува нашиот извор.

На денешната вонредна седница на Советот на Општина Прилеп, закажана напладне, единствена точка на дневниот ред ќе биде предлог-одлуката за откажување на 19. меѓународен карневал „Прочка 2020“.

Ова е превентивна мерка поради ситуацијата со коронавирусот, зашто на меѓународниот карневал требаше да има гости од повеќе европски и балкански земји.

Со донесување на одлуката ќе се откажат сите тридневни карневалски активности: денешната изложба на маски, утрешниот детски карневал и големото карневалско дефиле што требаше да се одржи в недела.

Годинашното издание на меѓународниот Струмички карневал заврши синоќа со одржување на концертот под маски, а другите содржини, кои требаше да траат до 4 март се откажани, изјавил за МИА претседателот на Организацискиот одбор, Александар Цицимов. Ова е потврда на веста што доцна синоќа ја објави “360 степени” за откажување на карневалите во Струмица и во Прилеп.

Организаторите донеле одлука да не се одржат маскенбалот, интернационалната карневалска вечер и детскиот карневал, како и останатите содржини што беа планирани да се одржат во рамки на годинашните карневалски празнувања.

Дополнително ќе се утврдат термини во кои ќе се одржат главните манифестации на Струмичкиот карневал.

На интернационалната карневалска вечер, која беше закажана за утре, требаше да учествуваат 46 карневалски групи од земјава и од странство со над 1 200 учесници.