Препукување на Димитров и Османи: Бујар објави бугарски протокол кој бил потпишан од Димитров во кој стои „Илинденско-Преображенско востание“

Актуелниот министер за надворешни работи Бујар Османи преку објава на Фејсбук му одговори на неговиот претходник на позицијата, Никола Димитров, кој во текот на вчерашниот ден побара оставки од Османи и вицепремиерот за евроинтеграции Бојан Маричиќ поради нивниот пристап кон францускиот предлог и преговорите со Бугарија.

Османи објави документ, за кој вели дека е единствениот Протокол потпишан со бугарската страна, кој бил прифатен во времето кога министер бил Димитров, а кој денес наводно бил исчезнат од архивата на МНР. Во документот, на кој стојат потписите на Димитров и тогашната министерка за надворешни работи на Бугарија Екатерина Захариева, меѓу другото пишува дека македонската страна го прифаќа бугарското гледиште кон Илинденското востание, прифаќајќи го името “Илинденско-Преображенско востание”.

Во неговата објава на Фејсбук Османи напиша:

„Накратко околу мотивите на мојот претходник:

Мислев дека ќе можам да ја задржам дипломатската пристојност, и да не говорам за отстранувањето на документите од архивата на МНР пред моето доаѓање во куќата, но кога ќе се поминат црвените линии на пристојност, сите треба да ги отвориме картите до крај.

Ова е сегашната наша ситуација во односите со Република Бугарија. Досега имаме потпишан само еден Протокол, потпишан токму од мојот претходник, во кој има неколку јасни обврски кои за жал, само сме се обврзале, но и не сме ги реализирале: Првата е дека го прифаќаме бугарското гледиште кон Илинденското востание, прифаќајќи ја номенклатурата “Илинден Преображение – востание”, создавајќи со тоа рамка во која Комисијата се очекува да делува, што, пак, создава тешкотии во нивната работа, но воедно и веќе создала преседан во односите со Република Бугарија, дека историските прашања може да ги решаваме политички, наместо да ѝ ги оставиме на Комисијата.

Второ, потпишувајќи го единствениот Протокол, мојот претходник ја обврзал и Комисијата, но и земјата, пред целиот свет, дека имаат краток рок до крајот на 2019 година, да најдат решение за Гоце Делчев и востанието, сега веќе и дефинирано согласно бугарската позиција како “Илинден Преображение”

Не сметам дека имал лоши намери тогаш, но нема да го премолчам неговиот обид сега да се “пенави” на нашиот обид да направиме пристоен Протокол, во кој нема да се обврземе за содржината, туку за принципите на нашата работа, претставувајќи нѐ сега нас како предавници на неговиот потпис.

Ќе продолжиме со нашата работа без разлика колкава хистерија ќе создаде мојот претходник. Ќе обезбедиме пристојно решение со Република Бугарија, но и европска иднина за земјата.

П.С.: Овој документ кој сега го презентирам, во неговата физичка форма недостасува во МНР, очекувано е кој си го зел пред да си отиде и со какви намери,“ пишува Османи.