Премиерот Ковачевски на прием кај папата по повод празникот „Свети Кирил и Методиј“


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


По повод одбележување на 24 мај – Денот на сесловенските просветители Светите Кирил и Методиј, премиерот на Македонија, Димитар Ковачевски, придружуван од владина делегација во рамките на посетата на Рим и Ватикан, имаше тет-а-тет средба, а потоа и официјална аудиенција кај Папата Франциск, пренесува Дојче Веле.

Ковачевски изрази благодарност за посетата на папата на Македонија во 2019 година која што беше прва посета на предводник на Римокатоличката црква запишана како историска. Притоа му подари рачно изработен фрагмент со калиграфско пишување на рачна изработена хартија од пофалното слово на Свети Климент Охридски, бројаница со традиционален охридски бисер и филигран, како и винил плоча од македонскиот виртуоз Влатко Стефановски.

„За време на разговорот на средбата со Папата Франциско беше истакната улогата на Светите браќа Кирил и Методиј кои со својата мисија да го шират христијанството на јазик разбирлив за словенските народи извршија и мисија на поврзување на народите на Европа“, соопштија од Владата.

На средбата било истакнато дека Македонија и Ватикан од воспоставувањето дипломатски односи од пред 28 години, со посветеност и меѓусебно почитување градат пријателство базирано на заеднички историски, културни и верски традиции и значајни ликови како Светите браќа Кирил и Методиј и Света Мајка Тереза. на средбата со папата била поздравена иницијативата за потпишување на темелен договор (конкордат) помеѓу Северна Македонија и Светата Столица, за да се регулира статусот на Католичката црква во земјата и за унапредување на соработката во областите од взаемен интерес, особено во делот на соработката меѓу образованите институции и архивите на двете земји.

„На средбата беа споделени пораки за надеж и желба за просперитет во постпандемискиот период, но и во време на справување со најголемата криза досега, истакнувајќи дека плодната соработка со Ватикан ќе се продлабочи, бидејќи ги делиме истите вредности на меѓусебно разбирање, поддршка за најранливите, еднаквост, толеранција и човечко достоинство“, се вели во соопштението на Владата.

Во Ватикан денеска присуствува и бугарска владина делегација, предводена од премиерот Кирил Петков, која се поклони пред гробот на Св. Кирил во базиликата Сан Клементе во Рим и присуствуваше на божествена света литургија во базиликата.

„Длабока почит на св. Кирил Филозоф – творец на бугарската писменост! Во пресрет на 24 мај, големиот ден на бугарската духовност, да потсетиме дека наше е да ја чуваме традицијата на светите браќа Кирил и Методиј“, истакна Петков.

Ковачевски и Петков е планирано да имаат средба во попладневните часови.