
Поради големиот број на препарати и разни совети кои ги читаме или слушаме насекаде, понекогаш можеме да се изгубиме во правилната рутина за чистење и користење на производите за нега на лицето.
Сите тие серуми и тоници навистина придонесуваат за подобар изглед на кожата и играат важна улога во рутината за нега. Но, дали постои правилен ред по кој треба да се нанесуваат? Дали е важно дали прво ставаме тоник, па потоа ја миеме кожата со пенлив гел? Да, редоследот е важен и тој се разликува за дневната и ноќната рутина. Во продолжение дознајте како правилно да ги користите производите:
Дневна нега
Прв чекор: средство за чистење
Доколку имате мрсна кожа, во утринските часови користете поблаги препарати. За повеќето жени доволно е едноставно да се измијат со млака вода.
Втор чекор: тоник
Новите формулации на тоници служат за враќање на pH рамнотежата и влага која се губи при чистењето. Најдобро е да го нанесувате со прсти, бидејќи памучните лепенки апсорбираат премногу производ.
Трет чекор: серуми
Серумите се лесни и богати со активни состојки. Изберете таков што одговара на вашиот тип на кожа или на проблемот со кој се соочувате. На пример, за уморна и безживотна кожа одберете серум со витамин Ц, а за израмнување на ситни брчки, користете серум со пептиди.
Четврт чекор: хидратантна крема со заштитен фактор
Кремата со СПФ е задолжителна, дури и ако ги прескокнете некои од претходните чекори. За среќа, постојат формули кои одлично се нанесуваат под шминка и овозможуваат заштита преку целиот ден.
Ноќна нега
Прв чекор: отстранување на шминка со соодветен производ, потоа миење на лицето
Доколку носите шминка, прво користете масло или мицеларна вода за нејзино отстранување, а потоа измијте го лицето со средство наменето за длабинско чистење.
Втор чекор: пилинг (1-2 пати неделно)
Редовното отстранување на мртвите клетки овозможува кожата да биде чиста и сјајна. Кога планирате да правите пилинг, направете го веднаш после отстранувањето на шминката, за да не ја иритираат дополнителни производи.
Трет чекор: тоник
Вратете ѝ влага на кожата со квалитетен тоник. Бирајте формула без алкохол за да ја заштитите чувствителната кожа.
Четврт чекор: маска (1-2 пати неделно)
По пилингот, нанесете маска која ќе ја нахрани кожата со потребните хранливи материи.
Петти чекор: серум
Нанесете серум на целото лице и на пределот околу вратот.
Шести чекор: хидратација
Завршете ја рутината со ноќна крема по ваш избор, која ќе ја смири и нахрани кожата преку ноќ.
Седми чекор: крема за пределот околу очите
Нанесете количина колку зрно грашок на кожата околу очите и внимателно утријте ја со прстите.
Вашата кожа сега е подготвена за наредниот ден и новата рутина.