Поради влошени односи со САД и инфлација – вртоглав пад на турската лира


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Како последица на неконтролираната инфлација и се полошите односи со официјален Вашингтон, турската лира вчера доживеа рекорден пад во однос на американскиот долар.

Турската лира нагло падна, доведувајќи ја во прашање финансиската стабилност на земјата, додека инвеститорите се загрижени за неортодоксната економска политика на претседателот Реџеп Таип Ердоган и спорот со САД, кој доведе до санкции.

Лирата падна на рекордно ниско ниво во однос на доларот – 6,24 лири за еден долар, по што се опорави на 5,92, но тоа и понатаму се огромни седум отсто пад во еден ден. Турската валута падна за 66 отсто од почетокот на годината, што ја поскапе стоката во Турција и ја потресе довербата кај странските инвеститори.

Превривањата со лирата сигурно не се олеснати ни со последниот потег на американскиот претседател Доналд Трамп, кој одлучи на Турција да ѝ воведе царини за извоз на алуминиум и челик.

Покрај тоа, Вашингтон пред неколку дена им воведе санкции и на членовите на турската влада поради отфрлањето на Анкара да го пушти од затвор американскиот пастор Ендрју Брансон. Брансон е уапсен во октомври 2016 година во рамки на чистката по неуспешниот пуч во јули истата година.

Ердоган веќе ги повика граѓаните да ги продадат своите девизи, со цел да ѝ помогнат на турската лира, која доживеа силен пад, велејќи дека станува збор за „национална борба“ против „економската војна“, која како што тврди, се води против Турција, додека истовремено американскиот претседател Доналд Трамп најави зголемување на царините за турскиот челик и алуминиум.

„Ако имате долари, евра или злато во своите душеци, одите во банка и заменете ги за турски лири. Тоа е прашање на национална борба“, рече Ердоган вчера во говорот во Бајбурт, во североисточниот дел на земјата, пренесуван на телевизија.

„Така, мојот народ ќе им одговори на оние кои ни објавија економска војна“, додаде Ердоган, обвинувајќи го таинственото „лоби на каматни стапки“ кои поблиску не ги дефинираше.

Популистичкиот турски претседател, познат по своите вербални испади, отиде понатаму пркосно порачувајќи: „Тие ги имаат своите долари, но ние го имаме својот народ, своите права, својот Алах“.