Помошта си носи и надзор: Пентагон ќе надгледува како се трошат американските средства кои ги добива Украина


Шанса да станеш YouTuber! Приклучи се! ↓↓↓


Реагирајќи на сè поголемиот притисок од редовите на американските републиканци за огромните донации за Украина, надзорен орган на Пентагон одлучи да формира тим во Украина чија задача ќе биде токму да надгледува како се користат американските средства отстапени за тамошниот конфликт со Русија.

Од американското министерство за одбрана соопштија дека виш претставник на Соединетите Американски Држави веќе почнал да работи во Украина на крајот на август, додека дополнителен персонал ќе му се придружи до крајот на септември. Тимот ќе ги следи тековите на парите на САД од американската амбасада во Киев, пренесува Си-ен-ен.

Неодамна Фокс њуз објави дека администрацијата на претседателот на САД Џо Бајден потрошила над 100 милијарди долари на помош на Украина од почетокот на конфликтот во февруари 2022.

Надзорниот тим е формиран откако Бајден побара од Конгресот дополнителни 24 милијарди долари за Киев, а откако американскиот претседател вети дека ќе ѝ помага на Украина „колку и да е потребно“.

Меѓутоа, републиканците сè повеќе ѝ се спротивставуваат на демократската влада на САД преиспитувајќи зошто милијарди долари се трошат на Украина и барајќи поголем надзор над тие средства.

Претседавачот на Претставничкиот дом на Конгресот Кевин Мекарти отворено не поддржува, како што кажа, бланко чек за Украина, додека Републиканската партија се залага за именување специјален инспектор за надгледување на помошта на Украина, слично на функцијата што САД ја имаа во Авганистан.