Политички калкулации и есапи меѓу двата круга од локалните избори во Македонија


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


После објавените резултати од првиот круг на локалните избори, во Македонија во полн ек се калкулациите и есапите за вториот круг од локалните избори откако владејачкиот СДСМ на големо потфрли во многу општини, особено во Скопје.

Раководството на социјалдемократите очекува поддршка од помалите партии со кои коалицираат на владино ниво, а кои, како ЛДП и ДОМ, решија за овие избори да настапат самостојно.

Гласовите што нивните кандидати ги освоија во, на пример Скопје и Битола, може да се клучни за евентуална победа на партијата на Зоран Заев во овие градови. Одговорот од ЛДП и ДОМ е дека остануваат во владината коалиција, но дека јавно нема да дадат поддршка за ниту еден од кандидатите на СДСМ.

„Ние уште пред да започне кампањата изјавивме дека тоа се гласови на граѓаните. Ние не располагаме со тие гласови и верувам и убедена сум дека граѓаните се многу мудри и точно знаат кое е значењето на функцијата градоначалник на општина, на град и сега во вториот круг и ќе го поддржат кандидатот, личноста за која веруваат дека навистина во следните четири години ќе ја води општината или градот во позитивен правец.“, Маја Морачанин, претседателска на ДОМ.

Петре Шилегов сепак се надева на овие гласови кои му се потребни во натпреварот против Даниела Арсовска.

„Верувам дека гласачкото тело кое ги поддржува овие партии ќе се изјасни за тоа која опција ќе ја избере во вториот круг. Очекувам, сепак добар дел од тие луѓе да не сакаат градот да застане и заедно да го градиме.“, коментира Петре Шилегов, кандидат на СДСМ за градоначалник на Скопје.

Со соопштение се огласи и НСДП, уште една од помалите партии во коалиција со СДСМ – даваат отворена поддршка. „Ги повикуваме граѓаните во вториот изборен круг својата поддршка да ја дадат на коалицијата `Најдоброто за мојата општина`. НСДП е цврста и единствена во одлуката за останување во владејачкото мнозинство и продолжување по политичкиот пат кој води кон прогрес на државата“, велат од НСДП.

ВМРО-ДПМНЕ, пак, повика окрупнување на блокот што таа го води. Христијан Мицкоски дека т.н. протестни гласови се два пати повеќе од оние што ги има коалицијата на СДСМ.

„Ги повикувам сите партии, независно дали се од лево, центар или десно, да ни се приклучат во еден блок со кој ќе формира ново парламентарно мнозинство.“, изјави Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ.

Тој го повтори повикот што вчера го упати до Левица откако одговорот што го доби за можно коалицирање беше во форма на цитат од Фидел Кастро.

„Не смее да има никакво коалицирање со партии кои имаат дамки во своето работење! Коалицирањето ќе ја разводни идеологијата. Од тоа корист ќе имаат само нашите ривали“, напиша Апасиев, на социјалните медиуми.

Изборната математика е комплицирана – дали и кој кого ќе поддржи за вториот изборен круг на 31 октомври. Во Скопје и Шилегов и Арсовска бараат гласови од албанските гласачи, во Куманово во трка се кандидат на СДСМ и независен кандидат – екс социјалдемократ, во Тетово во игра се кандидати на ДУИ и БЕСА – двете партии се владини коалиционери, во Битола ВМРО-ДПМНЕ е во предност, а на СДСМ му требаат гласовите на либералдемократите.

Извор: Глас на Америка