Почина македонскиот поетот и академик Радован Павловски


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


На 84-годишна возраст вчера почина академик Радован Павловски поет, есеист и патописец, соопшти Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) во која тој беше редовен член од 2006 година.

Роден е на 23 ноември 1937 година во Ниш, Србија. Неговото семејство во 1940 година се враќа во Железна Река каде што го поминува своето детство и завршува основното образование, а средното во Гостивар. Студирал право и литература на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

Во 1955 година објавува песни во весникот „Млад борец“ и во списанието „Млада литература“, а од 1956 до 1959 година, покрај редовните студии на Универзитетот, работи како новинар-преведувач на дневните вести на Радио Скопје. Од 1959 до 1962 година работи во весникот „Нова Македонија“ како новинар, преведувач и книжевен критичар на културните рубрики.

Својот живот го посветува на поезијата, која ја твори повеќе од шест децении. Работниот век го почнува во декември 1956 година кога се вработува како преведувач и новинар во Радио Скопје (Танјуг), а потоа од 1959 година и во „Нова Македонија”. Од 1964 до 1982 година живее и твори во Загреб, а од 1982 до 1985 година во Белград. Во Република Македонија се враќа во 1985 година.

Павловски беше член на Друштвото на писателите на Македонија, на Македонскиот ПЕН центар, а бил член и на Сојузот на писателите на СФРЈ. На 10 мај 2006 година е избран за редовен член на МАНУ.

Добитник е на повеќе награди во Македонија и во поранешна Југославија, но и во САД и Англија.

„Акад. Радован Павловски во континуитет во изминатите шест децении е еден од најпреведуваните македонски поети во светот. Повеќе книги со негова поезија се објавени и преведени во Македонија и надвор од неа: на српски, албански, словенечки, турски, француски, англиски, руски, чешки, романски, есперанто, шведски и бугарски јазик, а во голем број избори на творештвото и на германски, италијански, арапски, грчки и кинески јазик. Творештвото на акад. Радован Павловски е вклучено во разни антологии на современата македонска, европска и светска поезија“, соопшти МАНУ која по повод смртта на акад. Павловски ќе одржи комеморативна седница.