Почина македонскиот актер Владимир Ендровски – Љац


Шанса да станеш YouTuber! Приклучи се! ↓↓↓


На 60-годишна возраст почина македонскиот актерот Владимир Ендровски-Љац, објави Македонскиот народен театар (МНТ), кој беше негова матична сцена.

„Замина нашиот колега Владимир, нашиот пријател Љац, ненадминливиот актер и препознатлив лик на театарската сцена и телевизискиот/филмски екран – единствениот Владимир Ендровски. На сцената на НУ РСМ МНТ и воопшто во театарот, телевизијата и филмот кај нас остана огромна празнина која Ендровски ја исполнуваше со својот карактеристичен излив на емоции, маестрално подготвени улоги, и умешноста и огромна експлозија на енергија која ја пренесуваше од сцената кон публиката. Остана да сведочат филмовите и сериите за неговиот талент, ѕвездата која ја носеше и разбирливоста и лесното пренесување на ликовите кои ги имаше во себе“, велат од МНТ.

Ендровски е дипломец на Факултетот за драмски уметности во Скопје, на отсекот за актерска игра во класата на проф. Љубиша Геогиевски во 1991. На сцената на МНТ официјално е од 1993, иако како актер се појавува во претстави и пред дипломирањето. На сцената на МНТ ги оживеа и ги направи незаборавни: Далавера змејот во „Рекламна бајка“ (1989), Дромио од Сиракуза во „Забуни“ (1989), Уплавот во „Мир“ (1993), Целе Бумба во „Женски прилог за ноќта“ (1993), Борис во „Буре барут (1994), Манилов во „Мртви души“ (1994), Јован Ангел во „Лепа Ангелина“ (1995), Спасе во „МКС“ (1995), Д-р Алојзие Зилбербрант во „Глембаеви“ (1996), Макрото во „Едмонд“ (1997), Младичот во „Маме му ебам кој прв почна“ (1997), Брајан во „Шопинг анд факинг“ (1998), Антоан во „Мисија“ (1998), Ботар во „Носорог“ (1999), Арнолд Кримп во „Бетмен враќањето на црниот витез“ (1999), Капетан Лебјаткин во „Демони“ (2001), Крадецот во „Павилјони“ (2001), Трајан во „Балканот не е мртов“ (2001), Ристе во „Ослободување на Скопје“ (2002), „Црна дупка“ (2003), Булдог во „Доле влада“ (2004), „Хамлет во транзиција“ (2004), Вадиус во „Една вечер со ..“ (2006), „Троил и Кресида“ (2010), Алексеј Кирилов во „Бесови“ (2011), како и во претставата „Подемот и падот на кабарето“ (2013).

Зад Ендровски останаа и ненадминливите и секогаш препознатливи филмски и тв ликови: Дино во серијата „Трст виа Скопје (1990) (за која ја има добиено и награда на ревијата „Екран“ за најдобро филмско актерско остварување), Трајче во „Пред дождот“ (1994), Доре во „Преку езерото“ (1997), Безимениот во „Збогум на 20-от век“ (1998), Андарт во „Прашина (2001), Стипе Прикачин во „Бал-кан-кан“ (2005), Затвореникот Варден во „Контакт“ (2005), Коки Лабуд во „Некои поинакви приказни, сегмент: Македонска приказна“ (2010) и многу други.

Од МНТ велат дека времето и датумот на погребот дополнително ќе биде објавено.