Падна дел од таванот во медицинското училиште во Битола – полесно повредена една ученичка


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Една ученичка во битолското средно медицинско училиште „Д-р Јован Калаузи“ вчера се здобила со повреди откако во еден од училишните тоалети врз неа паднал дел од таванот.

Ученичката е полесно повредена, а градоначалникот на Битола на официјалната фејсбук страница на општината најави дека ќе бара одговорност од Наташа Илиева, директорката на училиштето.

Градоначалникот Тони Коњановски формира општинска комисија со која извршиле увид во училиштето за да се констатира на состојбата. Илиева информирала дека тоалетите пред неколку години биле реконструирани со донација, а последниве денови биле воочени проблеми на горниот кат, проследени со извесно прокапување.

Во соопштението на општината се вели дека Коњановски го контактирал и семејството на повредената ученичка и бил информиран дека таа е исплашена и е во битолската болница на испитувања поради болки во раката.

„Коњановски од директорката Наташа Илиева побара одговорност, поради непреземените мерки и непријавениот проблем. На крајот на минатата година, од страна на градоначалникот беа повикани, директорите на училиштата, со цел да укажат на потребите за реконструкции и интервенции, кои ги имаат објектите. Од страна на директорката Илиева не беше побарана интервенција од општината за објектот на средното медицинско училиште“, се вели во објавата на Општина Битола.