„Ова не ја зголемува безбедноста“: Влезот на Финска и Шведска во НАТО за русија е дестабилизирачки потег


Уствари викендов е затишје пред бура! ↓↓↓


Плановите на Финска и Шведска за влез во НАТО според Русија се дестабилизирачки потег, изјави рускиот заменик-министер за надворешни работи Сергеј Рјабков, во време кога двете земји се подготвуваат за забрзан процес на добивање членство во алијансата.

„Сметаме дека проширувањето на Северноатлантската алијанса е исклучиво дестабилизирачки фактор во меѓународните односи. Тоа не ја зголемува безбедноста на оние што ја прошируваат, ниту на оние што ќе ѝ се приклучат, ниту на другите земји што ја доживуваат алијансата како закана“, рече Рјабков, пренесе руската новинска агенција Интерфакс.

Финска и Шведска во мај објавија дека ќе аплицираат за членство во НАТО, наведувајќи ја руската инвазија на Украина како причина да се откажат од својата повеќедецениска неутрална надворешна политика.

Понатамошното проширување на НАТО до руските граници е токму исходот што рускиот претседател Владимир Путин рече дека сака да го спречи со почнувањето на, како што ја нарекува, „специјална воена операција“ во Украина на 24 февруари.

Но Русија испрати двосмислени пораки кога станува збор за ризикот за нејзината безбедност поради финскиот и шведскиот влез во НАТО.

„Што се однесува на проширувањето, Русија нема проблем со тие земји – никаков. Во таа смисла, нема директна закана за Русија од проширувањето (на НАТО) кон тие земји“, рече Путин во мај.

Турција, членка на алијансата, првично се закани дека ќе го блокира финскиот и шведскиот пристап, како причина наведувајќи ја шведската поддршка за курдските милитанти и шведската забрана за извоз на одредено оружје во Турција.

Сепак, Турција ги повлече своите приговори за пристапувањето на Шведска и Финска во алијансата во вторникот, во почетокот на тридневниот самит на НАТО во Мадрид.