Осум дена притвор за Габриел Бајрам – урлал и кршел во еден скопски ресторан

Осум дена мерка притвор му одреди судија на претходна постапка на Габриел Бајрам, советник во Град Скопје и син на починатиот пратеник Амди Бајрам, пренесува „Фокус“.

На Бајрам му е поднесена кривична пријава по брза постапа и му е одреден притвор откако пред неколку дена повредил шанкер и кршел инвентар во ресторанот „Аквадукт“ на булевар „Словенија“ во Скопје.

Имено, шанкерот во полициската станица Чаир пријавил дека на 28 јули во 23.20 часот бил нападнат од Г.Б. и В.Б., кои потоа оштетиле дел од инвентарот, соопшти МВР.

Пред неколку дена беше објавено дека Бајрам не се јавил на распит во полиција за копањето биткоени во ГТЦ, но се одзвал на поканата да слави со Владата во Клубот на пратеници по првата меѓувладина конференција во Брисел.

МВР објави дека по Габриел Бајрам имало и централен распис за да се спроведе во полициска станица, но засега нема одговор дали бил пронајден пред или по прославата.

-По неколку неодговарања на покани и непојавување на службен разговор во полициска станица, а по распишан централен распис, полициски службеници од Одделението за криминалистички работи Центар и Бит Пазар при СВР Скопје го лишиле од слобода Г.Б.(40) од Скопје и со него бил извршен разговор во полициска станица. Исто така, во претходниот период, остварени се контакти и извршени се службени раговори и со надлежните во ЕВН и Градскиот трговски центар Скопје, а се вршат службени разговори и со други лица, рекоа од МВР.

Бајрам имаше магацин под кирија во ГТЦ, каде му го раскинаа договорот, но уште ги нема вратено клучевите.