Орбан бара од ЕУ веднаш да ги исплатат сите пари кои биле доделени за Унгарија


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Премиерот на Унгарија Виктор Орбан побара од Европската комисија да ги исплати сите средства од фондовите на ЕУ доделени за неговата земја, вклучително и заем во рамките на инструментот за закрепнување и отпорност за да ѝ помогне на Унгарија да се справи со украинската бегалска криза, изјави портпаролот на унгарскиот премиер.

Според копија од писмото од 18 март испратено до претседателката на Комисијата Урсула Фон дер Лејен и испратено до Ројтерс по е-пошта, Орбан вели дека Унгарија сака да користи заем за одбрана, гранична контрола и хуманитарни и други акутни задачи за управување со кризата.

Европската комисија не го одобри полскиот и унгарскиот план за закрепнување од пандемијата бидејќи тврди дека двете земји сè уште не ги исполниле препораките по прашањето за владеењето на правото.

Извршното тело на Европската унија е во конфликт со двете националистички влади за голем број прашања, вклучувајќи ја слободата на медиумите и правата на ЛГБТ луѓето. Фон дер Лајен минатата година рече дека Унгарија мора да стори повеќе во борбата против корупцијата.

Орбан, кој се подготвува за парламентарни избори на 3 април, чиј исход е неизвесен, рече дека Унгарија примила повеќе од 450.000 бегалци од Украина и нагласи дека „споделувањето одговорност“ на земјите-членки е клучно во кризата.

„За таа цел, Унгарија бара само директен и ефективен пристап до средствата на ЕУ што ѝ се доделени и да може да ги користи на флексибилен начин за цели кои се најсоодветни за справување со кризата“, напиша Орбан во писмото.

Унгарија минатата година одби да искористи заеми во вредност од околу 9 милијарди евра во рамките на Инструментот за закрепнување и отпорност на ЕУ, но според писмото на Орбан, владата сега го променила својот став.

Унгарија „бара итно обезбедување на доделениот заем“ во рамки на споменатиот инструмент, рече тој.