ОН алармираат дека добиваат сè повеќе информации за масовни гробници во Мариупол


Шанса да станеш YouTuber! Приклучи се! ↓↓↓


Помеѓу завојуваните страни Русија и Украина договорен е нов обид за евакуација на цивилното население од опколениот украински град Мариупол.

Властите во опколениот украински град Мариупол соопштија дека, според изјавите на очевидци, околу 300 цивили загинале во рускиот воздушен напад врз театарот, што се користеше како засолниште. Обединетите нации, пак, алармираат дека добиваат сè повеќе информации за масовни гробници во Мариупол, кој со денови е мета на жестоко руско гранатирање.

Украинската вицепремиерка Ирина Верешчук изјави дека е договорен хуманитарен коридор со Русија за да им се дозволи на цивилите да го напуштат опколениот град со приватни автомобили.

Верешчук денеска рече дека оние што ќе успеат да излезат од градот ќе можат да се возат со автобуси од блискиот град Бердјанск до градот Запорожје.

„Ќе направиме се што е во наша моќ автобусите полни со жители на Мариупол да стигнат денеска до Запорожје“, рече таа, додавајќи дека е постигнат договор за евакуација на цивилите и од градот Мелитопол.

Мариупол, кој пред војната имаше 400.000 жители, е претворен во урнатини, со загинати илјадници цивили, а десетици илјади сè уште бараат пат надвор од градот на безбедно место, бидејќи основните резерви се намалуваат.

Михаил Голупцов и неговата сопруга Вера веднаш на почетокот на војната во Украина, ги отворија вратите од нивниот хотел во близина на Крагуевац, за украинските семејства.

По нападот на 16 март врз Драмскиот театар во Мариупол, украинските власти се воздржуваат од давање биланс на загинати, зашто не можат да ги потврдат бројките, но денеска градскиот совет соопшти дека има 300 жртви.

Шефицата на тимот на ОН за човекови права во Украина, Матилда Богнер денеска рече дека набљудувачите добивале сè повеќе информации за масовни гробници во опколениот Мариупол вклучително и една во која се чини дека има 200 тела.

Богнер рече дека смртните случаи на цивили во Украина ја надминале бројката од 1.035, додавајќи дека тимот на ОН истражува, како што изгледа, неселективни напади од двете страни во конфликтот. Сепак, украинските власти јавуваат за многу поголеми бројки на убиени цивили.

Тимот на Богнер ги истражува наводните прекршувања на човековите права, како што се извештаите дека руските сили пукале и убиле цивили во нивните автомобили додека бегале, десетици случаи на исчезнувања на украински службеници и новинари и присилното движење на цивилите на територијата под контрола на Русија.