Официјална изјава од ОЈО за инцидентот со бугарските навивачи кај „Чаирчанка“ и прободениот бугарски навивач (снимка)


Шанса да станеш YouTuber! Приклучи се! ↓↓↓


Македонското Основно јавно обвинителство излезе со детали за инцидентот кој се случи со бугарските навивачи во Чаир, при што еден навивач беше прободен со остар предмет и заврши на болница.

Во суштина тоа беше само еден од неколкуте инциденти кои вчера го одбележаа фудбалскиот дуел меѓу Шкупи и Левски од Софија во рамки на второто квалификациско коло од УЕФА Конференциската лига.

Обвинителството пренесува дека бугарски навивачи со две возила се движеле во близина на трговскиот центар „Чаирчанка”, при што влегле во вербална расправија со случајни минувачи и граѓани, која преминала и во физичка пресметка. Потоа, бугарските навивачи ги запреле возилата и излегле од нив, по што вербалната расправија преминала во физичка пресметка со група граѓани кои излегле од околните објекти.

При враќање во автомобилот, 29-годишен бугарски државјанин бил прободен со остар предмет во стомакот. Кај него е констатирана тешка телесна повреда и е хоспитализиран. По извршена хируршка интервенција, тој е во стабилна состојба, надвор од животна опасност.

„Со цел утврдување на идентитетот на граѓаните кои учествувале во настанот и кои според првичните сознанија не биле дел од локална навивачка група, како и целосно расчистување на настанот, подигнати се траги од лице место кои ќе бидат предмет на вештачење. Освен тоа, обезбедени се видео записи од околните објекти и од камерите на системот ‘Безбеден град’. Се преземаат и други дејствија“ – информираа од обвинителството.

За инцидентот се огласи и МВР информирајќи дека е утврден идентитетот на поголемиот дел од напаѓачите и против нив ќе бидат поднесени соодветни пријави.

„Во врска со физичкиот напад врз четирите бугарски државјани, за кој во 18.38 часот е пријавено дека се случил на ул.„Цветан Димов“, при што бил употребен и остар предмет до кој бугарскиот државјанин Д.А. се здобил со тешки телесни повреди, по преземени мерки и активности утврден е идентитетот на поголемиот дел од напаѓачите и се расчистува случајот, по што ќе бидат поднесени пријави. Повредениот Д.А. бил пренесен во ГОБ „Св.Наум Охридски“ и е во стабилна состојба“ – велат од МВР.

МВР, исто така синоќа иноформираше дека приведени се 19 навивачи од Република Бугарија, поради нарушување на јавниот ред и мир, пред и за време на натпреварот. Од нив, осум лица за насилство на спортски натпревар, две лица за физички напад на полициски службеници кои вршеле службени дејства, а девет поради агресивно однесување кон нив. Приведени се и двајца навивачи на Шкупи за нарушување на јавниот ред и мир.