Официјален Киев тврди дека секогаш знаат каде се Путин и Пригожин: „Ги следиме во реално време“


Уствари викендов е затишје пред бура! ↓↓↓


Воената разузнавачка служба на Украина во реално време следи каде се наоѓаат рускиот претседател Владимир Путин и шефот на воената платеничка група „Вагнер“, Евгениј Пригожин, тврди портпаролот на таа служба.

Андреј Јусов кажа дека „и покрај сите обиди и настојувања овие информации да се прикријат“ и наводното користење „различни технологии, вклучувајќи користење двојници“, Русија не успева да ги скрие локациите на Путин и Пригожин.

„Што се однесува до местото на нивниот престој, нормално дека во секој момент знаеме каде се“, кажа Јусов. „Путин е чуван, тој е добро чувана личност. Пригожин не е и се однесува можеби најслободно меѓу рускиот естаблишмент. Сите овие информации ни се познати нам и на нашите партнери и често се следат во реално време“, тврди тој.

Кажа и дека во моментов Киев нема ни желба ни намера да ги убие Пригожин или Путин. „Што се однесува до приоритетните цели, сите воени злосторници мора да бидат казнети“, кажа тој.

„Како цивилизирана држава, Украина сака казната за воените злосторници да се изврши во рамки на меѓународното право на меѓународен суд. Во тој контекст, приоритет број еден за Украина и воената разузнавачка управа е навистина да се одведе Путин во Хаг за судење пред тој суд“, заклучи Јусов.