Официјален Брисел без коментар за бугарскиот меморандум за „етничкиот и јазичен инженеринг во Македонија“


Шанса да станеш YouTuber! Приклучи се! ↓↓↓


Европската комисија нема да ги коментира ставовите на Бугарија изнесени во т.н. објаснувачки меморандум испратен до земјите членки на Унијата во кој што официјална Софија ја обвинува дека во Македонија е спроведен „етнички и јазичен инжинеринг“.

Портпаролката во комисијата задолжена за добрососедство и проширување, Ана Писонеро во одговорот на прашање околу документот и дали истиот е испратен и до комесарот Оливер Вархеји вели:

„Расправата во Советот за преговарачките рамки се во тек. Не можеме да коментираме за позициите на индивдуални земји членки“, вели Писонеро.

Источниот сосед во меморандумот бара поддршка од членките на Унија отворените прашања што ги има со Македонија да бидат дел од последното 35-ти поглавје од преговорите за членство. Софија исто така инсистира во документите на Унијата наместо „македонски јазик“ да се употребува терминот „официјален јазик на Република С. Македонија“ објаснувајќи македонската нација и јазик не постоеле се до втори август 1944 и дека македонскиот идентитет е креација на Јосип Броз Тито. Според Бугарија, Унијата не треба да дозволи внесување на отворени прашања и смета дека тие треба да бидат решение пред земјава да стане членка.

Премиерот Зоран Заев по последните ставови од Бугарија е уверен дека Софија останува наш пријател и поддржувач во евроинтегративниот процес и смета дека решение е можно и околу последните отворени прашања како идентитетот на Гоце Делчев.

„И затоа велам дури и решавањето на прашањето за Гоце Делчев, ние мора да изнајдеме нишки кои ќе не обединат, кои ќе бидат заеднички, кои што ќе не сплотат во меѓусебното помагање, охрабрување на нова економска трговија, на меѓусебни инвестиции и соработка на сите полиња. Јас верувам дека навистина низ ова прашање повторно ќе излеземе победници и двете страни и мора да излеземе. Заради тоа што договор ќе постигнеме, а ако постигнеме договор, тој да биде одржлив и возможен, а тоа е можно само ако двете страни се подеднакво среќни“, вели премиерот Заев во интервју за МИА.

Инаку, расправата околу преговарачката рамка за Македонија меѓу земјите членки треба да заврши до шести октомври. Доколку биде усвоена, Германија, која е актуелен претседавач со Унијата, како и македонската Влада, очекуваат стартот на преговорите со одржување на првата меѓувладина конференција да се случи во декември годинава.